Ekipa
04 Ноември 2019•Ажурирај: 05 Ноември 2019
ТЕХЕРАН (АА) - Иран го удвои бројот на напредни центрифуги, зајакнувајќи го капацитетот на земјата за збогатување ураниум, изјави денес челникот на иранската нуклеарна програма, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Инсталиравме 15 центрифуги од нова генерација во изминатите два месеци, што е многу големо достигнување“, истакна Али Акбар Салехи, челникот на Организацијата за атомска енергија на Иран (AEOI), во интервју за државната телевизија.
„Сега, нашиот капацитет (за производство на ураниум) достигна 8.660 работни единици за сепарација (SWU) и би можеле да произведеме скоро 450 грама ураниум ден пред третиот чекор (од модификацијата на Договорот за иранската нуклеарна програма), а сега се зголеми на над 5.000 грама дневно“, рече тој.
Салехи нагласи дека Техеран стартувал серија на 30 центрифуги IR6, додавајќи дека моментално Иран има речиси 60 центрифуги IR6 кои можат да произведат вкупно 600 работни единици за сепарација (SWU).
Иран започна да ги намалува обврските во врска со Договорот за нуклеарна програма склучен во 2015 година по американската еднострана одлука за повлекување од Договорот меѓу Техеран и петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН, плус Германија и ЕУ.
Соединетите Американски Држави (САД) започнаа со дипломатска и економска кампања за зголемување на притисокот врз Иран за да го принудат на повторни преговори за договорот.
Договорот му дозволува на Иран да ги редуцира обврските во случај на прекршување на Договорот од другите страни. Техеран инсистира ЕУ да дејствува поактивно во врска со имплементацијата на нејзиниот дел од обврските, велејќи дека ќе се врати во целосно почитување на договорот, откако ЕУ ќе ги поништи санкциите на САД.