Şenhan Bolelli
21 Мај 2020•Ажурирај: 22 Мај 2020
МАДРИД
Во Шпанија, во изминатите 24 часа, од последиците на заразувањето со коронавирусот (Ковид-19) починаа 48 лица, со што вкупната бројка починати порасна на 27.940, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за здравство соопшти дека бројот на смртните случаи денеска е поголем за 48, додека вчера од последиците на заразувањето починале 95 лица.
Ова воедно е петти ден по ред во Шпанија да се забележуваат помалку од 100 смртни случаи од оваа болест. Исто така, 48 починати во еден ден е најмала бројка од 14 март, кога е прогласена вонредната состојба.
Во изминатите 24 часа потврдени се уште 344 случаи на заразување, со што вкупната бројка на заразени достигна 233.037.
Вонредната состојба, која е во сила од 14 март, вчера е продолжена до 7 јуни.
Шпанскиот премиер Педро Санчез ја доби поддршката од Парламентот за петтото продолжување на вонредната состојба прогласена поради пандемијата на коронавирусот.
Иако Шпанија започна постепено со ублажување на мерките, а дневниот број починати падна под 100, Санчез сака во текот на тие додатни 15 дена да се ограничи движењето на граѓаните и нивните собири.
Премиерот смета дека тоа е неопходно за постепено и контролирано да бидат укинати мерките, за во меѓувреме повторно да не избувне епидемијата.
„Никој нема право да го сруши она што го постигнавме“, рече премиерот обраќајќи се во Парламентот.