Ayhan Şimşek
01 Декември 2021•Ажурирај: 02 Декември 2021
БЕРЛИН (АА) - Ситуацијата со коронавирусот во Германија е најтешка од почетокот на пандемијата минатата година, предупреди денеска Државното здружение за итна медицина ДИВИ, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Доколку цифрите продолжат да растат со оваа брзина, Германија во наредните неколку недели пред божиќните празници ќе прими повеќе од 6.000 пациенти со коронавирус на одделенијата за интензивна нега“, наведе ДИВИ.
Лекарите на интензивна нега ги повикаа властите брзо да воведат поостри мерки за намалување на физички и социјален контакт и да размислат за привремена блокада за да се спречи пораст на нови случаи.
Многу болници во најтешко погодените жаришта на коронавирусот во Германија останаа без кревети на одделите за интензивна нега и ги одложија сите некритични операции додека земјата се бори со четвртиот бран на пандемијата.
На одделенијата за интензивна нега низ земјата денеска имаше 4.636 тешко заболени пациенти од коронавирусот, од кои 2.383 на респиратори, според здружението ДИВИ.
И покрај новите ограничувања кои локалните власти ги најавија минатиот месец, бројот на заразени и понатаму е висок, особено во источните и јужните региони на земјата, вклучувајќи ги Саксонија, Тирингија и Баварија.
Институтот „Роберт Кох“ потврди 67.186 нови случаи на коронавирусот во последните 24 часа, во однос на 45.753 случаи пријавени вчера.
Уште 446 лица починаа како последица на вирусот, што е најголем дневен број на смртни случаи од средината на февруари.
Според Институтот, речиси 865.000 луѓе сè уште се болни од Ковид-19, алармантна бројка што не е забележана во претходните три брана на пандемијата.