Erbil Başay
27 Февруари 2020•Ажурирај: 02 Март 2020
БЕРЛИН (AA) - Германскиот министер за здравство, Јенс Шпан, изјави дека Германија е на почеток на епидемија по новите шест случаи на заразување со коронавирусот (Ковид-19) во таа земја, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Се наоѓаме на почетокот на епидемијата на коронавирусот во Германија“, рече Шпан за новинарите во Берлин.
Истакна дека во Германија повеќе не е можно да се следат ланците на заразување како што правеле досега.
„Голем број лица биле во контакт со пациентите што се заразени со вирусот. Прашањето сега е дали функционира нашата досегашна стратегија на изолација на вирусот и прекинување на ланецот на ширење“, рече германскиот министер и нагласи дека е мала можноста епидемијата да ја заобиколи Германија.
На почетокот на месецот во Баварија се забележани осум случаи на заразување со коронавирусот, но кај секој заразен било можно да се следи изворот на заразувањето.
Истакна дека со министрите за здравство од сојузните покраини во средата одржал телефонски разговор на кој е договорено покраините да започнат свои планови во случај на избивање епидемија на вирусот.
На крајот сепак рече дека граѓаните не треба да прават непотребна паника и да шират страв.
„Не треба на првото кашлање веднаш да се трча на лекар“, додаде министерот Шпан.
Во Германија во последните два дена се појавија пет нови случаи на заразување со коронавирусот.