Associated Press
19 Ноември 2021•Ажурирај: 20 Ноември 2021
БЕРЛИН (АА) - Лотар Вилер, директорот на Институтот „Робер Кох“, главната германска епидемиолошка установа, денеска изјави дека во целата држава е вонредна состојба поради порастот на бројот на новозаразени со коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Вилер рече дека редовната медицинска нега повеќе не може да се гарантира во некои делови на Германија, бидејќи болниците и одделенијата за интензивна нега се преоптоварени. Тој повика на итно воведување на дополнителни мерки за намалување на порастот на бројот на нови случаи од Ковид-19, кој трет ден по ред ја надминува бројката од 50.000.
„Цела Германија е една голема епидемија. Ова е вонредна состојба низ државата. Мора да ја повлечеме кочницата за итен случај“, рече Вилер во Берлин.
Германската федерална и покраинските влади, поради рекордните бројки на случаите со коронавирус, во четвртокот се договорија за новите мерки против ширењето на коронавирусот, кои вклучуваат поголеми ограничувања за оние кои не се вакцинирани против Ковид-19.
Одлуките се донесени во текот на видеоконференцискиот состанок помеѓу канцеларката Ангела Меркел, Олаф Шолц, кој ги води коалиционите преговори за формирање на нова влада на Германија и премиерите на 16-те покраини.
Покраините ќе воведат строги мерки ако стапката на хоспитализација поради Ковид-19 ги надмине договорените референтни вредности во нивните региони.
Доколку стапката на хоспитализација надмине тројца на 100.000 луѓе, ќе биде воведено правилото „2Г“, според кое, само вакцинираните и оздравените од Ковид-19 ќе можат да престојуваат во јавни простории, како што се рестораните, кафулињата и културните објекти.
Во случај на стапки на хоспитализација над 10 на 100.000 луѓе, покраините ќе применуваат построги правила и ќе ги ограничуваат личните контакти во јавните простории.