Hasan Esen
09 Април 2020•Ажурирај: 10 Април 2020
ЛОНДОН (AA) - Лекар, кој од британскиот премиер Борис Џонсон бараше заштитна опрема, почина од коронаврусот (Ковид-19), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што наведува „Скај Њуз" (Sky News), 53-годишниот Абдул Мабуд Чоуди откако му се влоши состојбата беше хоспитализиран но покрај сите напори на лекарите не е спасен.
Лекарите потврдија дека бил позитивен на коронавирусот, а во болницата помина 15 дена, борејќи се за животот.
Чоуди на 18 март на премиерот Џонсон му испрати порака, барајќи од него итно да набави заштитна опрема за секој здравствен работник во земјата.
Во пораката тогаш наведе дека здравствените работници се во директен контакт со пациентите и дека е многу важно сите да имаат заштитна опрема.
„Како и сите други, и ние имаме право на овој свет да живееме во здравје со нашите семејства и со децата", рече во пораката.
Чоуди работеше во болницата Хомертон во Лондон, а хоспитализиран е во болницата Квинс во близина на британската престолнина.
Во Велика Британија досега од последиците на заразувањето со коронавирусот починаа преку седум илјади лица, вклучувајќи најмалку 15 здравствени работници.