Kenan Irtak
11 Јуни 2020•Ажурирај: 12 Јуни 2020
ИСТАНБУЛ
Од аеродромот „Истанбул“ во Турција повторно започнаа да се одвиваат меѓународни летови кои поради пандемијата на новиот тип коронавирус беа прекинати пред околу два месеци, јавува Агенција Анадолија (АА).
Откако во рамките на чекорите за нормализација на 1 јуни започна да се одвива авиосообраќајот во рамките на Турција, аеродромот „Истанбул“ повторно започна со меѓународните летови кон одредени земји. Во тие рамки авикомпанијата „Туркиш ерлајнс“ (THY) започна со летови од Истанбул кон Германија, Велика Британија и Холандија.
Патниците кои своите билети ги купија пред неколку дена, денеска во раните утрински часови пристигнуваа на аеродромот. Влегувањето на терминалите беше дозволено само за патниците со билети, кои воедно беа контролирани со термални камери. Патниците кои дојдоа на терминалот за меѓународни летови беа предупредени на неопходното почитување на физичката дистанца.
„Туркиш ерлајнс“ почна со летови кон Берлин, Дизелдорф, Минхен, Франкфурт, Лондон и Амстердам. Првиот меѓународен лет од истанбулскиот аеродром беше летот кон Дизелдорф во 8:20 часот по локално време.
Една од патниците на овој лет беше Јасмин Алара Вајс, која изјави дека патува за Франкфурт, додавајќи дека студира во Германија.
„Всушност, наставата започна на 20 април, а се одвиваше онлајн. Дојдов во почетокот на март, а требаше да се вратам на 9 април. Оттогаш сум тука. Секогаш резервирав билети, но постојано беа откажувани. Трипати беа откажани, а овој пат зедов билет за првиот ден што можев. Државјанка сум на Австрија и на Турција“, рече Алара Вајс.