Ali Cura
12 Мај 2020•Ажурирај: 12 Мај 2020
МОСКВА (АА) – Во Русија, бројката на случаи со новиот вид коронавирус, Ковид-19, достигна 232.243, а бројот на починати се зголеми на 2.116, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Центарот за контрола и превенција на инфекциите од коронавирусот во Русија, бројот на случаи достигна 232.243, со зголемување од 10.899 во последните 24 часа.
Во земјата во последните денови во тек на 24 часа се регистрираат над 10.000 случаи со Ковид-19.
Бројката на починати се зголеми на 2.116 лица, со раст од 107 во последното деноноќие. Од друга страна, излекувани се 3.711 пациенти, со што вкупната бројка на излекувани достигна 43.512.
Во соопштението се наведува дека 43,1 отсто новозаразени не покажуваат симптоми, и дека просекот на растот на бројот на заразени изнесува 4,9 отсто.
Жариштето на Ковид-19 во Русија е главниот град Москва, каде што бројот на заразени се зголеми за 5.392 во последните 24 часа, со што вкупната бројка се искачи на 121.301.
Во градот излекувани се вкупно 19.642 лица.
Според податоците на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, Русија се најде на второ место во светот по САД, каде што се евидентирани 1.347.936 случаи на Ковид-19.
Според соопштението од руското Министерството за одбрана, во руската Армија до денес има вкупно 3.312 случаи со Ковид-19, од кои 1.689 кај војници, 1.224 кај воени студенти и 399 кај цивилниот персонал.
Од друга страна, со укинувањето на ограничувањата во Москва, индустриските и градежните претпријатија повторно ги започнаа своите активности. Покрај тоа, во градот стапи на сила и задолжителното носење маска и ракавици во јавниот превоз, на работните места, пазарите и во такси возилата.
Во Русија првиот случај на Ковид-19 беше регистриран на 31 јануари кај двајца кинески државјани во регионите Тјумењ и Трансбајкал, јужно од Сибир.
Првиот смртен случај од Ковид-19 се случи на 19 март, кога почина 79-годишна жена во Москва.
Општина Москва донесе одлука да ги продолжи сите мерки преземени поради Ковид-19 до 31 мај.
Од друга страна, во Москва од денеска на индустриските и градежните претпријатија им е дозволено да започнат со работа.
Ковид-19 беше дијагностициран кај рускиот премиер Михаил Мишустин, министерот за градежништво Владимир Јакушев, министерката за култура Олга Љубимова и кај некои пратеници во рускиот Парламент.