Vakkas Doğantekin
11 Јуни 2020•Ажурирај: 11 Јуни 2020
АНКАРА
Во услови на антирасистичките протести и олеснувањето на мерките кои во земјата беа воспоставени да го спречат ширењето на Ковид-19, во САД бројот на заразени од вирусот достигна 2 милиони, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во земјата досега се регистрирани 2.000.464 случаи на заразување со Ковид-19, со речиси 113.000 смртни случаи и повеќе од 533.000 излекувани.
Милиони Американци ги полнат улиците на американските градови одржувајќи протести со слоганот „Животите на црномурните луѓе се важни“, по бруталното убиство на невооружениот Афроамериканец Џорџ Флојд.
Американскиот континент продолжува да биде жариште за пандемијата на Ковид-19, во време кога во повеќето други делови од светот ситуацијата се смирува.
Панамериканската здравствена организација (ПАХО) предупреди дека јуни ќе биде клучен месец за пандемијата на коронавирусот во Латинска Америка, регион кој ги чувствува ефектите со речиси невидена сериозност.
Од Мексико до Аргентина, случаите на коронавирус продолжуваат да растат, со неколку исклучоци. Во Латинска Америка има повеќе од 1,4 милион случаи и речиси 70.000 смртни случаи, покажуваат податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.
Светската здравствена организација (СЗО) смета дека постои причина за загриженост и дека се потребни силно владино раководство и солидарност.