СКОПЈЕ (АА) – Холандската пијанистка, композиторка и пејачка со турско потекло, Карсу Донмез, вечерва ќе одржи концерт заедно со музичари од различни делови на светот во Домот на АРМ во Скопје. Концертот е во рамките на седумнаесеттите „Есенски музички свечености 2016“, во организација на Министерството за култура, Град Скопје и Институтот „Јунус Емре“ – Турски културен центар Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
Институтот „Јунус Емре“ – Турски културен центар Скопје, по повод вечерашниот концерт на светски познатата музичарка Карсу Донмез, одржа прес-конференција.
Претставникот на Иститутот, Мухсин Куртиш, на прес-конференцијата нагласи дека веќе неколку години Институтот има успешна соработка со „Есенските музички свечености 2016“, и дека имаат организирано концерти на познати музичари како што се Хусну Шенлендириџи, Бурхан Оџал и Керем Горсел. По повод вечерашниот концерт на светски познатата музичарка Донмез, тој истакна дека како институт се горди што се дел од еден ваков настан.
На пресот присуствуваше и директорот на „Есенските музички свечености 2016“, Мирко Стефановски, кој го изрази своето задоволство од успешната соработка со Институтот „Јунус Емре“ – Турски културен центар – Скопје. Како што рече тој, за успешната соработка зборуваат познатите имиња на турски уметници кои ги донесоа во Македонија во изминатите години и кои не се само познати во Турција, туку и во цел свет. Тој истакна дека е презадоволен што вечерва на сцената ја имаат младата успешна музичарка, позната во Европа, и дека се надева на идна успешна соработка со институтот.
Вечерашната звезда, Донмез, во своето обраќање им се заблагодари на организаторите и рече дека е пристигната со голема музичка екипа од различни делови на светот. Донмез истакна оти вечерва ќе настапат со една компилација од светска музика, но како што рече таа, „со црвената линија на џезот“.
Карсу Донмез е пејачка, пијанистка, аранжерка и композиторка. Родена е во Холандија, а по потекло е од Турција. Настапувала на голем број меѓународни фестивали и концерти, како што се „Консертгебау“ во Амстердам, „Норт сеа џез фестивал“ во Ротердам, како и во светски познатата „Карнаги хол“ во Њујорк.
Покрај музиката, таа е активна и во хуманитарни акции, како што се помагање на бегалците од Сирија. На денешното обраќање Донмез истакна дека со децата во Сирија заемно си помагаат, така што таа ги учи музика, а тие неа арапски.
„Моментално работам со децата бегалци од Сирија. Се обидуваме да направиме еден хор, кој подоцна ќе настапи со свој концерт“, рече таа.
На новинарското прашање во врска со нејзината музичка страст, за тоа што преферира на прво место, таа рече дека не прави разлика меѓу компонирање, пеење или свирење пијано, односно дека љубовта кон сѐ и е подеднаква.
„Ова ми звучи како да се прашувам дали повеќе ја сакам мајка ми или татко ми. Ама сепак, јас не се оценувам себеси само како композитор, или само како пијанист, се гледам себеси како целосен музичар“, истакна таа.
На крајот, Донмез им се заблагодари на медиумите и упати покана до сите, на како што рече таа, едно заедничко уживање на вечерашниот концерт, кој ќе се одржи во Дом на АРМ, со почеток во 20:00 часот.
news_share_descriptionsubscription_contact
