СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов, денеска одржаа заедничка прес-конференција на која беше презентирана најновата стратегија и планови на Владата за изградба на патната инфраструктура, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Заев информира дека повеќе од 60 патни правци во должина од 800 километри ќе бидат изградени, реконструирани и обновени, за што се обезбедени вкупно 270 милиони евра, додавајќи дека годинава, ќе бидат комплетирани автопатските делници Демир Капија - Смоквица и Миладиновци - Штип, а се планира да започне и изградбата на три експресни патишта.
Според него, во текот на месец април ќе биде отпочната изградбата на три нови експресни патни правци, Градско – Дреново, Штип – Радовиш, а во тек е изградбата на експресниот пат Чатал – Крива Паланка.
„Со 86 милиони евра средства, обезбедени од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) се планира да се рехабилитираат 26 патни правци во должина од 422 километри. Во текот на месец јуни ќе се рехабилитираат 7 патни правци, а исто така, со 14 милиони евра од Светска банка ќе се рехабилитираат 13 патни правци во должина од 150 километри“, истакна премиерот.
Заев потенцира дека ова се долгорочни инфраструктурни проекти од голем интерес за економијата, за граѓаните на Република Македонија и за идните генерации.
Дел од нив, како што рече Заев, ќе бидат завршени оваа година, а дел ќе бидат започнати сега, но еден дел се очекува да бидат комплетирани во различни временски интервали во наредните неколку години.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, истакна дека изградбата на нови патишта и реконструкцијата на постоечката патна мрежа во Македонија е врвен приоритет на Владата, додавајќи дека ова е најобемната програма за подобрување на инфраструктурата во државата.
„Практично, цела Македонија ќе биде едно големо градилиште, а сите средства за реализација на сите проекти се веќе обезбедени, дел од сопствени средства, дел од заем. Оваа година, до крајот на април ќе ја завршиме изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица, и Миладиновци – Штип, до крајот на септември“, рече Сугарески.
Сугаревски информира дека во тек е проектирање на нов автопат Гостивар – Кичево, кој ќе се гради во три фази, а обезбедени се и средства за автопатот Скопје – Блаце, додека пак експресниот пат Градско – Прилеп ќе почне да се гради наредниот месец.
Директорот на ЈП Македонски патишта, Зоран Китанов, рече дека целиот овој проект ќе биде поделен на две фази, бидејќи, како што рече, не постои доволно механизација, а воедно ќе мора да се затворат сите патишта.
Тој нагласи дека за дел од регионалните патишта веќе се завршени тендерските постапки, за дел ќе завршат за еден месец, потенцирајќи дека сè е направено со консултација со локалните власти, стручни екипи, странски експерти и професори од Градежниот факултет во Скопје.
Премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција најави и дека во тек се разговори со Демократската партија на Турците за проширување на парламентарното мнозинство и дека верува оти овие разговори ќе бидат заокружени до вторник.
Тој нагласи дека оваа партија веќе дава поддршка на законските решенија и соработката не е условена со некои функционерски места, но треба да се заокружи, додавајќи дека размислува и за средби со БЕСА и тоа со двете групи, а ќе се разговара и со пратениците кои се во опозиција.
news_share_descriptionsubscription_contact
