Ekipa
18 Април 2017•Ажурирај: 19 Април 2017
AНКАРА (AA) - Зејнеб Алјил/Мерве Озлем Чакир
Вредноста на средствата што инвеститорите ги вложија во акции на турските компании трикратно е зголемена во текот на 2016 година, во споредба со претходната година, и изнесува вкупно 18,9 милијарди турски лири, или околу пет милијарди евра, јавува Anadolu Agency (AA).
Според податоците на турскиот Совет за конкуренција, во текот на минатата година се забележани вкупно 209 спојувања или преземања, а 50 процедури во врска со поврзувањето на компаниите се однесуваат на турски фирми и на нивните партнери надвор од границите на земјата, односно на корпорации со странски капитал во однос на таа земја.
Така, директните инвестиции во турската економија во 2016 година изнесуваат 18,9 милијарди лири, додека во 2015 година, вредноста на овие инвестиции изнесува 6,3 милијарди турски лири.
Во турските компании најмногу инвестираа холандски инвеститори, кои имаат реализирано вкупно девет инвестиции, односно прилив на капитал, докапитализација, спојувања и преземања. Следуваат инвеститори од Германија со шест, потоа јапонски и британски инвеститори со четири реализирани договори.
Покрај тоа, во текот на 2016 година, инвеститорите од Соединетите Американски Држави (САД), Франција, Швајцарија и од Јужна Кореја реализираа три договори со турски компании, кои се однесуваат на докапитализација, спојување или преземање.
Најмногу е инвестирано во енергетскиот сектор, по што следи индустријата и преработката на метали, земјоделството и медиумите.
Најголеми активности во врска со приватизацијата се реализирани во електро-енергетскиот потсектор.