Amina Zorniç
04 Јануари 2017•Ажурирај: 05 Јануари 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Стотици туристи се собраа утринава на влезот на резервоарот „Базилика“ во Истанбул за да го посетат најголемиот од неколкуте стотици изградени резервоари во подземјето на некогашниот Константинопол, пишува Anadolu Agency (AA).
Резервоарот познат уште како „Потопената палата“ е изграден во шестиот век, за време на владеењето на византискиот цар Јустинијан, со цел на градот во подем да му се обезбеди вода за пиење.
Некои древни документи покажуваат дека за изградбата на резервоарот, кој се наоѓа на околу 150 метри од историската градба „Аја Софија“ на плоштадот Султанахмет, биле ангажирани 7.000 работници.
Пространата комора има ред столбови и лакови од тула, со посебен водоотпорен гипс и ѕидови дебели 3,5 метри. Предвидениот капацитет на комората е 100.000 тони вода, но денес дното е покриено со неколку сантиметри вода.
За туристите, најинтересен дел од „Потопена палата“ се камените глави на медузите, кои се завртени за 90 и 180 степени.
Потеклото на главите не е точно утврдено, иако се претпоставува дека се донесени во резервоарот од некоја од градбите од римскиот период.