Sultan Çoğalan
16 Февруари 2017•Ажурирај: 17 Февруари 2017
АНКАРА (АА) - Светот се соочува со најголемата бегалска криза по Втората светска војна, а меѓу земјите што имаат згрижено најголем број бегалци е Турција, во која денес живеат повеќе бегалци отколку што 61 земја во светот имаат жители, јавува Anadolu Agency (AA).
Според официјалните податоци на Комесаријатот на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР) од 2015 година во светот има вкупно 21,3 милиони бегалци, а над три милиони од нив, кои ги напуштиле своите земји поради војна или други кризи, пронајдоа засолниште во Турција.

Само од Сирија, Турција има примено 2,8 милиони бегалци, а доколку се додадат и 291.000 бегалци од Ирак, Авганистан, Иран и од Сомалија, бројот на згрижени бегалци во Турција ја надминува бројката од 3,1 милион.
Во Турција денес живеат повеќе бегалци отколку што има жители во 61 членка на Обединетите нации. Не само тоа, во одредени бегалски кампови во Турција живеат повеќе бегалци од вкупната популација на некои држави.
Во камповите во Шанлиурфа се згрижени 114.000, во Газиантеп 39.000, во Килис речиси 37.000, Кахраманмараш 23.709, во Хатај 19.960, во Малатија 10.236, а во Османије 7.250 бегалци.
Тие бројки се значително поголеми од вкупната популација во меѓународно признати членки на ОН, како што се Тувалу, Науру, Сан Марино, Монако, Лихтенштајн, Маршаловите Острови, Андора, Доминиканската Република, Антигва и Барбуда, Микронезија, Тонго или Гренада.
Вкупниот број на згрижени бегалци во Турција го надминува бројот на жители што живеат во 61 земја во светот, а меѓу нив се и Литванија, Словенија, Латвија, Естонија, Луксембург, Малта и други.