Ekipa
29 Мај 2018•Ажурирај: 30 Мај 2018
ДИСЕЛДОРФ/АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, на програмата организирана по повод годишнината од смртта на членовите на турското семејство во германскиот град Солинген пред 25 години, испрати порака за заедничка борба против расизмот, ксенофобијата и исламофобијата, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Диселдорф е организирана програма по повод годишнината од смртта на петте членови на семејството Генч, кои загинаа во пожар кој во нивната куќа го подметнаа екстремистите.
На церемонијата, освен Чавушоглу, меѓу останатите, присуствуваа и германската канцеларка Ангела Меркел и премиерот на покраината Северна Рајна-Вестфалија, Армин Ласчет.
Чавушоглу, по обраќањето, говореше и за проблемите на другите турски државјани кои се цел на расистички напади во Германија.
Тој смета и дека Турција и Германија треба да работат заеднички кога станува збор за интеграцијата.
„Она што е наша задача е да извлечеме поука од овој трагичен случај и да бидеме единствени пред расизмот. Потребно е да се преземат ефикасни мерки против ксенофобијата за да не се повторат слични напади“, смета Чавушоглу.
Чавушоглу изјави дека Северна Рајна-Вестфалија е покраина во која живеат најмногу странци во Германија и дека организирањето на програмата на сеќавање на случувањето пред 25 години е многу важно.
Министерот се заблагодари и на Меркел ѝ рече дека нејзината борба против расизмот ја гледа како правилен чекор.
„Турција е подготвена да пружи секаков вид поддршка“, додаде Чавушоглу, укажувајќи на важноста на продолжување на борбата против расизмот, ксенофобијата и исламофобијата.
„Нападот во Солинген не е прв расистички напад во Германија и во Европа, а нема да биде ни последен“, потсети Чавушоглу.
Турскиот министер додаде и дека го следат и случајот за терористичката организација Националсоцијалистичко подземје (NSU), чии припадници меѓу 2000 и 2007 година усмртија 10 лица, од кои 8 турски државјани.
„Се надеваме дека на крајот на процесот, во согласност со ветувањето на канцеларката Меркел, ќе бидат изнесени сите врски со нападите и ќе биде донесена одлука која ќе ја задоволи свеста на заедницата. Сите го очекуваме тоа“, додаде Чавушоглу.
Ласчет изјави дека трагичниот случај кој се случи пред 25 години е еден од најтрагичните по Втората светска војна.
Тој додаде дека не е можно да се заборави болката.
„Со вас сме. Кој и да го загуби своето дете, тој до својата смрт не може да го заборави. Без разлика дали ќе поминат 25 или 50 години. Тоа не може да ви се избрише од сеќавање“, истакна тој.