Furkan Abdula
23 Април 2018•Ажурирано: 24 Април 2018
СКОПЈЕ (AA) - По повод 23-ти Април, Денот на националниот суверенитет и Денот на детето во Турција, во Основното училиште на турски јазик „Тефејуз“ во Скопје беше организиран панаѓур, јавува Anadolu Agency (AA).
Учениците преку панаѓурот имаа за цел со продавање разни видови храна, подготвени од нивните родители, да обезбедат приходи со цел да дадат придонес во училиштето.

На панаѓурот присуствуваа амбасадорката на Р. Турција во Македонија, Тулин Еркал Кара, заменик-амбасадорот Мурат Сумер, координаторот на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) во Скопје, Ајтекин Ајден, вработени во амбасадата, претставници на турски организации во земјата, група ученици од турскиот град Ерзурум, наставници, родители и ученици.
Турската амбасадорка Кара во своето обраќање упати честитки по повод овој празник. Таа потсети дека основното училиште „Тефејуз“ е старо 133 години и дека наставата во училиштето ја следат 900 ученици, додавајќи дека нивна желба е да расте бројот на ученици.

„Најголемите напори во едуцирањето на овие убави деца се оние на вредните наставници. Затоа, ние сакаме наставниците овде да знаат дека ние секогаш ќе бидеме покрај нив. Светот се разубавува со децата. Посакувам секој наш ден да минува прекрасно и весело како и Денот на децата, бидејќи кога има деца, нема грижи во светот“, рече Кара.
Од друга страна, директорот на Основното училиште „Тефејуз, Осман Емин, истакна дека се трудат турските државни празници да ги прославуваат на најдобар можен начин.
Емин упати благодарност до амбасадорката Кара за обезбедената поддршка.

„Тоа што го организираме со децата е еден мал панаѓур. Можеби не организираме големи фестивали или програми од аспект на буџетот, но наша цел е наставниците и управата да се состане со децата и родителите, да обезбедат одредена мала поддршка за училиштето, како и да ги унапредуваме на највисоко ниво односите наставник-ученик“, изјави Емин.
Тој најави дека после 15 години, училиштето ќе има нов и модерен кабинет по информатика, за што упати голема благодарност до координаторот на ТИКА во Скопје, Ајтекин Ајден.
Инаку, денес ширум Турција се одбележува националниот празник Денот на националниот суверенитет и Денот на детето, а воедно и 98-годишнината од основањето на Големото народно собрание на Република Турција. Државниот празник се одбележува на 23 април, на денот кога во 1920 година беше основано Големото народно собрание на Турција. Прославите по повод 23 Април се фокусираат на децата откако Мустафа Кемал Ататурк, основачот на Република Турција, го посвети денот на децата, како иднина на нацијата.