Ahmet Salih Alacacı
03 Февруари 2019•Ажурирај: 04 Февруари 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган истакна дека не може да го разбере молкот на Соединетите Американски Држави (САД) во врска со убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, пренесува Anadolu Agency (AA).
Ердоган во интервјуто на националната телевизија ТРТ одговараше на прашањата на новинарите, осврнувајќи се и на прашањето за убиството на колумнистот на „Washington Post“ Кашоги во саудискиот Конзулат во Истанбул, на 2 октомври минатата година.
„Јас ја слушнав аудиоснимката од убиството на Кашоги. Не можам да го разберам молкот на САД [за ова прашање].“
Турскиот претседател нагласи дека Саудиска Арабија мора да обезбеди одговори во врска со 22-те лица одговорни за смртта на Кашоги, вклучувајќи ги и 15-мина кои дојдоа во Турција.
„Може да се случи меѓу овие 22 лица да се наоѓаат и оние кои не се живи, и тоа да кажам“, рече Ердоган кој потсети на шпекулациите дека поедини лица настрадале во сообраќајна несреќа.
Ердоган во интервјуто соопшти дека ќе учествува на самитот за Сирија заедно со неговиот руски и ирански колега, Владимир Путин и Хасан Рохани, што ќе се одржи на 14 февруари во рускиот град Сочи.
Тој изрази надеж дека самитот ќе помогне во подобрување на ситуацијата во подрачјето на Џарабулус, Африн и Идлиб во северна и западна Сирија, со цел бегалците кои беа принудени да ја напуштат земјата да може да се вратат во поголем број.
Ердоган додаде дека ситуацијата во овие области се подобрува од ден на ден, и дека досега од Турција во овие подрачја се вратиле околу 300.000 бегалци.
Турција моментално згрижува 3,6 милиони сириски бегалци.
Истакнувајќи дека се преземени чекори со Русија во врска со патролите околу северниот сириски град Мунбич, Ердоган соопшти дека турската делегација се вратила од Русија каде што престојуваше за разговори за Сирија, што резултирало со позитивен развој.
„Се надевам дека овој позитивен развој ќе доведе до тоа овие [терористички] организации да го напуштат ова место што е можно поскоро, а неговите вистински сопственици да дојдат и да се населат на своето земјиште“, рече тој.
Отфрлајќи каква било потенцијална операција во регионот во блиска иднина, тој го критикуваше неуспехот на Вашингтон да го напушти Мунбич во рок од 90 дена, како што претходно беше ветено.
Осврнувајќи се на турската офанзива „Маслинова гранка“ во северозападна Сирија, со која регионот беше ослободен од терористите на ЈПГ/ПКК и ДЕАШ, Ердоган истакна дека доколку не беше операцијата на Турција, овие терористички организации ќе можеа да стигнат до Средоземното Море.
Претседателот Ердоган понатаму потенцираше дека турската политика за северна Сирија се фокусира на територијалниот интегритет на со војна разорената земја, додавајќи дека се одржуваат разговори со сириските власти на пониско ниво.
„Ние не се залагаме за фрагментирање на сирискиот народ“, рече Ердоган.
Тој нагласи дека Народната демократска партија (ХДП) во Турција е иста како и терористичката организација ПКК/ЈПГ/ПЈД.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и ЕУ, е одговорна за смртта на околу 40.000 луѓе, вклучувајќи и жени и деца. ЈПГ/ПЈД е нејзин сириски огранок.