Gamze Türkoğlu Oğuz
06 Септември 2018•Ажурирај: 07 Септември 2018
ТОКИО (АА) - Најсеверниот остров во Јапонија, Хокаидо, го потресе земјотрес со интензитет од 6,7 степени. Во оваа природна катастрофа животот го загубија најмалку 7 лица, над 30 лица се водат за исчезнати, а 200 се повредени, пренесува Anadolu Agency (AA).
Јапонската медиумска институција НХК соопшти дека во северниот дел на земјата, во шумскиот предел на островот Хокаидо, земјотресот предизвикал голем број свлечишта во кои животот го загубија најмалку 7 лица, над 30 лица се водат за исчезнати, а повеќе од 200 се повредени.
Американскиот геолошки завод (USGS) соопшти дека јапонскиот остров Хокаидо го потресе земјотрес со интензитет од 6,6 степени со епицентар 27 километри источно од градот Томакомаи, на длабочина од 33,4 километри.
Јапонската метеоролошка агенција, направи корекција, информирајќи дека интензитетот на земјотреот бил 6,7 степени, а неговиот епицентар се наоѓа источно од градот Томакомаи, на длабочина од 40 километри.
По силниот земјотрес, подрачјето го потресоа серија помали потреси, а во некои места е дадена наредба за евакуација.
Свлечиштето што настана во подрачјето Атсума е причина за исчезнување на повеќе од 30 лица, каде што во тек се спасувачки операции.
По земјоресот, три реактора од нуклеарната централа „Томари“ прекинаа со работа, по што беа поврзани со генераторите за итни случаи. На островот околу 3 милиони семејства останаа без електрична енергија, а затворени се аеродромите и голем број автопати.
Официјалните претставници информираат дека со цел да се укаже помош во спасувачките операции, во подрачјето се испратени 25.000 војници и друг персонал.