Mustafa Melih Ahıshalı,Elahe Salari
02 Јануари 2017•Ажурирај: 03 Јануари 2017
ТЕХЕРАН (АА) - Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Иран, Бехрам Касими, денес во Техеран изјави дека неговата земја нема никакви предуслови во пресрет на мировните преговори за Сирија, кои ќе бидат одржани во Астана, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој изјави дека засега не се разгледува учеството на некои други земји освен Иран, Русија и Турција.
„Моментално не го разгледуваме учеството на други земји. Поздраво е во овој момент земјите на регионот да ги решаваат сопствените проблеми, а нивните ставови да можеме да ги уважиме во некои идни чекори“, изјави Касими на прес-конференцијата во Техеран.
На прашањето дали Иран има одредени предуслови во пресрет на состанокот во Астана, Касими изјави дека неговата влада нема посебни услови.
„Состанокот во Астана се однесува на сириските власти и опозицијата. Не се работи за тоа некому да му диктираме став. Се надевам на дијалог и чекори кон решение. Немаме посебни услови и ќе ги почитуваме одлуките што ќе бидат усвоени“, изјави тој.
Коментирајќи ги наводите на „Ројтерс“ дека Сирија ќе биде поделена меѓу Турција, Русија и Иран, Касими изјави дека се работи за неточни и неповрзани формулации.
„Ги почитуваме територијалниот интегритет и целовитоста на Сирија. Погрешно е секое размислување за прецртување на границите и нарушување на суверенитетот“, додаде тој.
Откако „женевскиот процес“ не даде резултати во врска со решението на сириската криза, најавен е состанок во Астана, главниот град на Казахстан.