Zülfiya Yakup
30 Август 2016•Ажурирај: 30 Август 2016
ПРИШТИНА (АА) - Специјалното обвинителство на Косово во соработка со Полицијата на Косово уапси шест лица за кои се сомнева дека се поврзани со нападот на Собранието на Косово, извршен на почетокот на август, пренесува Anadolu Agency (АА).
Во заедничкото соопштение на Специјалното обвинителство на Косово и Полицијата на Косово, се наведува дека по интензивните истраги во врска со нападот на Собранието на Косово, извршен на 4 август 2016 година, идентификуваните лица се осомничени за планирање, организација и извршување на нападот.
„Оваа комплексна истрага опфати специјализирани техники и мерки на истрага и денес врз основа на налогот на Основниот суд во Приштина е извршена контрола на шест локации во Приштина и притоа се уапсени шест осомничени лица, а приведени се уште две. За шесте осомничени со иницијали А.Б., А.А., А.Д., Е.Х., Ф.К. и П.А., одредена е мерка на задржување од 48 часа“, се наведува во соопштението.
Во текот на реализацијата на налогот за контрола, одземени се во својство на материјални докази: шест парчиња огнено оружје, три автоматски пушки, два пиштолa, еден карабин, муниција и други материјални докази во врска со случајот. Запленетите предмети ќе бидат испитани од страна на експерти од релеватните области.
Косовските медиуми пренесуваат дека се уапсени активисти на опозициското движење „Самоопределување“, за кои сѐ уште нема официјална потврда.
Нападот на Собранието на Косово, на 4 август, извршен е со рачен ракетен фрлач. Во нападот беше причинета материјална штета, а немаше повредени.