Ivana Ramadanova
16 Мај 2016•Ажурирај: 17 Мај 2016
СКОПЈЕ (АА) - На денешното рочиште во скопскиот Кривичен суд уште пет лица, обвинети во случајот „Ќелија“ кои се товарат дека учествувале во странски војски или паравоени формации, се изјаснија за виновни и ја признаа вината за кривичните дела за кои се обвинети, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како и останатите шестмина обвинети, Иса Фуга, Абдула Абдулахи, Мухамед Имери, Ерол Рустеми и Стефан Стефановски при изјаснувањето рекоа дека доброволно ја признаваат вината и оти се свесни за последиците.
Обвинителот Владимир Милошевски побара обвинетите да се прогласат за виновни согласно законските одредби, додека пак адвокатите побараа судијата да ги земе в предвид сите олеснителни околности и да им изрече поблаги казни.
При оценувањето на обвинителниот акт вината ја признаа и оџата Реџеп Мемиши, Ахмет Дарлишта, Сејфула Етемовски, Ресуљ Саити, Фазљи Суља и Мухамед Шеху. Тие беа осудени на минимални затворски казни од пет до седум години.
Според обвинението, осомничеите во „Ќелија“ дејствијата ги започнале во октомври 2014 година.
„Има три категории на дела кои ги им се ставаат на товар на осомничените. Прво, регрутирање лица во странски војски или паравоени формации, второ, собирање финансиски средства и материјална помош за поддршка на лицата кои ќе се приклучат во странска војска или паравоена формација, обезбедување на нивното патување, обука и учество во странска војска и трета категорија на дела – учество во странска војска”, вели обвинителот Владимир Милошевски.
Судот во среда треба да ги изрече казните за петмината обвинети во сучајот „Ќелија“.