Yeter Erdine
17 Април 2017•Ажурирај: 17 Април 2017
ГАЗИАНТЕП (АА) – Платното кутну е симбол на елеганцијата и естетиката, а неговата употреба во последните години се прошири поради промотивните активности. Платното се ткае во Газиантеп, поминувајќи низ тешки седум фази додека дојде до купувачите.
Платното кутну се ткае од 16. век па наваму, а со него се шиеле кафтаните на османлиските султани. Тоа ја добива својата конечна форма во ателјеата, кои ги има во сѐ помал број, а се формирани од мајсторите за платно.
Со иницијатива од турската општина Газиантеп и на Индустриската комора, зголемена е употребата на овој вид платно, кое се изработува во облик на завеси, кошули, тепих за молење, покривка за молење, вечерна облека, па дури и невестински фустан. Ова платно ја добива својата крајна форма низ долга и макотрпна работа на мајсторите за платно.
Додека стигне во рацете на купувачот, платното кутну поминува низ седум тешки фази на обработка.
Еден од последните мајстори за платно во градот, 39-годишниот Орхан Тозлуоглу, во изјава за АА рече дека свилата ја добиваат од Бурса.
Тозлуоглу пренесува дека свилата што се зема за основа, се цепка според парчињата нишки во т.н. девере кабини, по што започнува процесот на обработка.
„Потоа се преминува на обојување, па доаѓа процесот на пресновење. Предивото од свилата се потопува со стопена смола од дрво од кајсија. Потоа се остава да стои. Расипаните и поткинати конци еден по еден се отвораат и се отстрануваат. За ова има мајстор. Ние го нарекуваме шкробач. Шкробењето се прави за зајакнување на свилата. По ова, се чистат слабите конци (предивото) и се мота во ролни. Се подготвува предивото за да се стави на чешелот од машината. Потоа се става на машината. Овој процес го вршат двајца, едниот стои од едната страна на машината, другиот од другата. Едниот ја подава свилата, другиот ја дофаќа. Овој процес се прави според парчињата од нишките и шемата на ткаенината. Најчесто ова го прави мајстор со својот чирак, но, поради тоа што немаме чираци, го правиме ние двајца мајстори. И чираштвото ние го вршиме“, објаснува Тозлуоглу.
Тој пренесува дека процесот понатаму продолжува со т.н. чешли на машината и додава: „Во процесот на т.н. ставање на предивото на чешелот од машината се нагодува ширината и збиеноста на платното. Во ткаењето пак, основата се поставува хоризонтално и е од свила. Потката е од памучно предиво. Кога овие две ќе се спојат, го нарекуваме кутну платно. Откако ќе се исткае, нашето кутну платно е готово. Потоа преминува на пеглање. Ова се прави со т.н. џендере систем, или пеглање „апре“. Овој процес му дава сјај на платното. Потоа има процес на доработка. Платното се компресира меѓу две преси“.
Тозлуоглу вели дека ткаењето на традиционалното кутну платно треба да се поддржи, оти за време од еден саат можат да исткаат платно во должина од 2-3 метри, а овој производ се продава за 20 турски лири.
- Во османлискиот период, вредеше злато -
Еден од мајсторите, 60-годишниот Абдулкадир Мекки, посочи дека платното кутну се ткае од периодот на Селџуците па наваму и додава: „Селџуците од Анадолија ткаеле во Коња, сириските Селџуци во Дамаск и во Алепо. Кутну е платно од видот атлас, кое го употребувале високите слоеви од сараите. Видот мејдание, пак, го користел народот. Кутну е знаење. Мотивите се врв од стрела, кочан пченка, јачмен. Секое име на платното си има своја приказна. Еден од синонимите за платното кутну е зборот меџидије, што во османлиско време беше парична валута. Ова име и дезенот кажуваат колку е вредно ова платно“.
Мекки додава дека порано платното се ткаело рачно, на разбој, додека сега се ткае на машини.