Hasan Esen
24 Мај 2017•Ажурирај: 25 Мај 2017
БРИСЕЛ (АА) - Генералниот секретар на Северноатлантскиот сојуз (НАТО), Јенс Столтенберг, изјави дека лидерите на земјите-членки на утрешниот самит на НАТО ќе разговараат за конкретно вклучување на сојузот во меѓународната коалиција за борба против терористичката организација ДЕАШ, додавајќи дека ниту една членка на Коалицијата досега не побарала НАТО да преземе поактивна борбена улога, јавува Anadolu Agency (AA).
Утре на самитот во базата на НАТО во Брисел ќе присуствуваат лидерите на сите 28 земји-членки, а Столтенберг денес во своето обраќање пред новинарите ги откри темите за кои ќе се разговара и истакна дека тоа претставува важен собир, без оглед на краткиот формат во кој ќе се одржи состанокот.
Самитот ќе се одржи во новоизградената база во Брисел, а Столтенберг истакна дека тоа има и симболично значење.
„На местото на коешто е изградена базата, во двете светски војни се наоѓаа воени аеродроми и во текот на изградбата наидовме на четири неексплодирани бомби. Тоа место, некогаш средиште на војна, од утре ќе стане место за дијалог и соработка меѓу сојузниците“, порача Столтенберг.
Во новиот комплекс на НАТО ќе бидат откриени и споменици на Берлинскиот ѕид и на терористичкиот напад од 11 септември, а ќе ги открие германската канцеларка Ангела Меркел и американскиот претседател Доналд Трамп.
Наостро осудувајќи го неодамнешниот терористички напад во Манчестер во кој загинаа најмалку 22 лица, Столтенберг кажа дека лидерите на НАТО-членките уште еднаш ќе потврдат дека се заедно во борбата против сите видови на тероризмот во светот.
„Борбата против тероризмот е комплексна и бара координирана борба на нашите полициски, разузнавачки, правосудни, а некогаш и воени сили. Затоа, важно е во таа борба да ги употребиме сите ресурси со коишто располагаме“, истакна челникот на НАТО и додаде дека една од главните теми на самитот ќе биде поактивното учество на сојузот во борбата против тероризмот.
Столтенберг додаде дека обуката на локалните сили со цел неутрализирање на корените на тероризмот е најдоброто средство со кое располага НАТО за таа борба.
Потсетувајќи дека сите членки на НАТО придонесуваат кон меѓународната коалиција за борба против терористите на ДЕАШ, и дека Сојузот помага со извидувачки летови, Столтенберг изрази надеж дека на самитот ќе биде усвоена одлука за уште поактивно учество на НАТО во оваа борба.
Уште една од главните теми, секако, ќе биде и зголемувањето на буџетските одвојувања за трошоците и распределба на трошоците за Сојузот меѓу членките, а Столтенберг истакна дека во тој контекст доволно е сите да ги исполнат своите ветувања дадени на самитот пред три години.
Осврнувајќи се и на активностите на НАТО во Авганистан, Столтенберг нагласи дека Алијансата во таа земја нема активна борбена улога, но дека 13.000 војници спроведуваат важна мисија за обука на авганистанските сили.
„Гледано долгорочно, одржлив е пристапот за обучување и подготвка на локалните сили и институции за да можат да се бранат и да се борат против тероризмот на својата територија“, рече Столтенберг.
Запрашан за коментар во врска со наводите дека американскиот претседател Трамп на Русија ѝ открил одредени строго чувани тајни, Столтенберг рече дека верува оти сите членки на НАТО добро ги водат своите разузнавачки служби.