ЖЕНЕВА (АА) - Обединетите нации (ОН) ги повикаа Соединетите Американски Држави (САД) да се откажат од политиката на раздвојување на мигрантските семејства, јавува Anadolu Agency (AA).
Во последните шест недели околу 2.000 деца кои ја преминаа мексиканската граница се одвоени од семејствата.
Во Женева започна 38. заседание на Советот за човекови права на ОН, што ќе трае до 6 јули.
Високиот комесар на ОН за човекови права, Зеид Раад ал Хусеин, е загрижен поради политиката на САД со која децата се казнети за постапките на своите родители.
„Во последните шест недели околу 2.000 деца се принудно одделени од своите семејства“, потсети тој.
Хусеин ги повика САД веднаш да стават крај на оваа практика.
Според новата одлука на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, возрасните лица кои влегле во САД по илегален пат се приведени, а децата предадени на домовите за кои е надлежно Министерството за здравство и социјална заштита.
Политиката за нулта толеранција кон илегалните мигранти беше иницирана од министерот за правда, Џеф Сешнс, и Министерството за внатрешна безбедност на САД, а според податоците на овие институции, во период од 19 април до 31 мај од семејствата се раздвоени 1.995 деца.
Хусеин се осврна и на кршењето на човековите права во другите делови на светот.
„Во Мјанмар постојат систематски, организирани напади и напади од големи размери врз муслиманите од Аракан“, изјави Хусеин, укажувајќи на можноста дека овие напади би можеле да се окарактеризираат како геноцид.
Тој потсети дека Владата на Мјанмар продолжува да ги крши човековите права, а на известувачите на ОН не им е дозволен влез во земјата. Додаде дека Владата на Мјанмар соопштила дека сите обвиненија ќе бидат испитани, но Хусеин е загрижен поради (не)доверливоста и (не)пристрасноста на тие истраги.
Тој се осврна и на конфликтите во Сирија и рече дека режимските сили спречуваат преземање на потребните чекори за да се утврди дали доаѓа до кршење на човековите права во таа земја. Порача дека и покрај тоа ќе продолжи да истражува дали доаѓа до кршење.
Тој повика и на формирање истражна комисија чија задача ќе биде да утврди дали доаѓа до кршење на човековите права во Кашмир.
Хусеин изјави дека на известувачите на ОН им е оневозможен пристап на палестинска територија која е под опсада на Израел. Тој го повика Израел да дозволи пристап за да се утврди дали доаѓа до кршење на човековите права на тоа подрачје.
Хусеин предупреди и дека сè повеќе се кршат правата на населението во Автономниот Ургујски Регион Шјинџјианг и Автономниот Регион Тибет во Кина. Тој потсети и дека на ОН не им е дозволен пристап за да испитаат дали доаѓа до кршење на човековите права во овие региони.
news_share_descriptionsubscription_contact
