Hakan Çopur
19 Јуни 2018•Ажурирај: 20 Јуни 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Министерството за одбрана на Соединетите Американски Држави (САД) соопшти дека се запрени заедничките воени вежби на американските и јужнокорејските сили, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во согласност со наредбите на претседателот Доналд Трамп, Пентагон ги суспендираше сите воени игри кои американските и јужнокорејските сили планираа да ги извршат во август“, соопшти портпаролката на Пентагон, Дана В. Вајт.
Во соопштението се наведува дека официјалните претставници на Белата куќа и Пентагон оваа недела ќе одржат посебни состаноци на кои главна тема ќе бидат заедничките воени вежби на САД и Јужна Кореја.
Трамп го најави запирањето на воените вежби по самитот со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун во Сингапур, и притоа вежбите ги нарече непотребни и прескапи воени игри.
Двајцата лидери во Сингапур потпишаа и меморандум за соработка кој предвидува продолжување на дијалогот во правец на изградба на мирот и почеток на процесот за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров.