Ekipa
18 Јуни 2018•Ажурирај: 19 Јуни 2018
МИНХЕН (АА) - На состанокот на раководството на Христијанско-социјалната унија (CSU) во Минхен денес претседателот на партијата, а воедно и министер за внатрешни работи на Германија, Хорст Зехофер, јасно ѝ даде до знаење на германската канцеларка Ангела Меркел дека мора да пронајде решение за мигрантската криза во Европа, јавува Anadolu Agency (AA).
Германската канцеларка рече дека ќе разговара со другите европски земји за миграциските прашања и дека ќе ги извести за резултатите од разговорот на 1 јули.
Меркел денес нагласи дека не сака Германија да го заврти својот грб кон мигрантите кои чекаат на нејзините граници, како што предлагаше министерот за внатрешни работи, Хорст Зехофер.
Христијанско-социјалната унија го поддржа министерот во намерата да преземе акција против мигрантите која е во спротивност со политиката на канцеларката Меркел. По иницијативата на Зехофер, проблемот кој се разгледуваше прерасна во закана за Владата на канцеларката Меркел. Христијанско-социјалната унија денес се сложи на германската канцеларка да ѝ даде две недели да направи договор со европските партнери.
Меркел рече дека ќе одржи разговори на престојниот самит на ЕУ и ќе ја извести конзервативната партија за резултатите на 1 јули. Исто така наведе дека не знае како ќе се одвива ситуацијата во наредниот период.