Ivana Ramadanova
25 Март 2016•Ажурирај: 26 Март 2016
СКОПЈЕ (АА) - Неколку стотици вработени во судовите и јавната администрација од цела Македонија денеска излегоа на мирен протест, јавува Anadolu Agency (AA).
Протестот започна пред зградата на Сојузот на синдикати, а потоа толпата продолжи кон Собранието, министерствата за правда и информатичко општество. Претседатeлот на УПОЗ, Пецо Грујовски, пред зградата на ССМ побара Законот за судскa служба повторно да се разгледа, бидејќи како што рече, на судската администрација ѝ е се потребни применливи закони.
„Да го потсетиме министерот дека предложија закон со многу технички грешки, што укажува дека тие не го ни прочитале. Покрај тоа законот има многу неповолности. Ние не се разбудивме сега. Ние веќе две години ја водиме оваа битка од донесувањето на законите. Се обидуваме да ги увериме дека овие закони се антиработнички, дека ги кратат правата на работниците, дека ги ставаат во позиција вработените да бидат потчинети пред претпоставените, да можат да ги казнуваат и да ги бркаат кога сакаат”, вели Грујовски.
Пред министерството за правда се обрати Верица Тасева, потпретседателка на Синдикатот на УПОЗ, која на ресорниот министер му порача дека две години судската администрација се обидува да укаже дека Законот за судска служба е лош, додавајќи дека и покрај понудените решенија за овој закон, министерството ги игнорира.
„Ние кои сме дел од еден важен синџир наречен судска власт, за вас очигледно сме неважни. Судската администрација не сака министер кој не се интересира за своите административци и кој ги игнорира. Затоа ве повикуваме да покажете добра волја и со зеднички сили да издејствуваме да се донесе нов Закон за судска служба кој му доликува на оваа администрација која е ефикасна, ефективна и проевропска”, изјави Тасева.
Кон протестот им се приклучија и потписниците на „Повелбата за солидарност“, Самостојниот синдикат на новинари и медиумските работници, Синдикатот на македонската дипломатска служба, Конфедерацијата на синдикални организации КСОМ, мултиетничкиот синдикат на образование МЕСО, Синдикатот на културата на Македонија, левичарското движење „Солидарност“ и движењето за социјална правда „ЛЕНКА“. На масовниот протест на судската администрација кој заврши пред Владата, не се приклучија само вработените во Основен Суд 1.