Muhammed Bilal Kenasari
03 Септември 2018•Ажурирај: 04 Септември 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Со највисоки државни почести на гробиштата на Академијата на американската морнарица во Мериленд погребан е неодамна починатиот сенатор од Аризона и ветеран од Виетнамската војна, Џон Меккејн, јавува Anadolu Agency (AA).
На погребот му претходеа низа комеморативни собири кои изминатите денови се одржуваа во различни американски сојузни држави.
Пред Академијата во Мериленд се собраа неколку стотици граѓани, со цел да му оддадат чест на починатиот републикански политичар.
Во саботата, во Катедралата во Вашингтон, исто така, се одржа комеморација по повод смртта на Меккејн, а на присутните им се обратија поранешните американски претседатели Барак Обама и Џорџ Буш.
Џон Меккејн почина на 25 август, по тешката борба со карцином на мозокот, а во тестаментот побара актуелниот американски претседател Доналд Трамп да не присуствува на комеморациите и на неговиот погреб.