Fuat Kabakcı
03 Септември 2018•Ажурирај: 04 Септември 2018
ПЕКИНГ (АА) - Кинескиот претседател Си Ѓинпинг изјави дека на светот му се потребни посилни и мултилатерални Обединети нации (ОН), јавува Anadolu Agency (AA).
Првиот човек на Кина, Си Ѓинпинг, во Големата народна хала на плоштадот „Тиананмен“ (Врата на небеското спокојство) го пречека генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека претседателот на таа земја за време на средбата нагласил дека унилатерализмите и трговските протекционизми го загрозуваат меѓународниот поредок и глобалниот систем на управување со пазарот.
„На светот, повеќе од кога и да е, му се потребни посилни и мултилатерални ОН“, рече Си Ѓинпинг.
Истакнувајќи дека од ОН очекува да бидат предводник на глобалниот развој и соработка, со цел да им се одговори на предизвиците со кои се соочува модерниот свет, претседателот на Кина, Си Ѓинпинг, рече дека Пекинг поддржува длабоки реформи во таа меѓународна организација.
Си Ѓинпинг истакна дека помошта во изградбата на мирот и развојот на Африка е морална обврска на ОН и ја повика оваа организација, тој континент да ѝ биде приоритет меѓу проектите.
И генералниот секретар на ОН, Гутереш, рече дека сака да разговара со Пекинг и сака да ја засили соработката во изградбата на подобар и поправеден свет.
Гутереш истакна дека Африка отсекогаш била приоритет за ОН и додаде дека организацијата има свои претставници и на Форумот за кинеско-африканска соработка.