Ekipa
16 Декември 2018•Ажурирај: 17 Декември 2018
ИДЛИБ (АА) - Вооружената сириска опозиција изрази поддршка за воената операција која турските вооружени сили планираат да ја извршат на источниот брег на Еуфрат против терористите на ЈПГ/ПКК, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на сириската опозиција, Ајман ал Асими, соопшти дека опозицијата е подготвена да се бори против терористите на ЈПГ/ПКК, кои под окупација го држат регионот источно од Еуфрат.
„Планираната операција е продолжение на операциите „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“, со кои на сирискиот народ им е вратена слободата и безбедноста“, изјави Ал Асими.
Истакнувајќи дека планираната операција е да се зачува интегритетот на Сирија, Ал Асими изјави дека ЈПГ/ПКК е меѓународна терористичка закана која го блокира процесот на политичко надминување на кризата во Сирија.
Тој ја повика меѓународната заедница да ја поддржи сириската опозиција и Турција во борбата против тероризмот.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во средата изјави дека турските сили во наредните неколку дена ќе започнат операција против терористите на ЈПГ/ПКК на североисточниот дел на Сирија, односно на источниот брег на Еуфрат.
Тој порача дека целта на операцијата е тој регион на границата со Турција да се расчисти од терористите.
Претходно турските сили во соработка со сириската опозиција го ослободија поширокото подрачје на северниот и северозападниот дел на Сирија во операциите „Маслинова гранка“ и „Штитот на Еуфрат“. Турција со овие операции сака да ги спречи терористите на ЈПГ/ПКК долж сирискиот пограничен појас јужно од Турција да формираат терористички коридор.
Претходно САД ја предупредија сириската опозиција да не ја поддржува и да не се меша во воената операција која ја најави Турција.
„Морате да се тргнете од подиумот кога на него танцуваат слонови“, е пораката на САД, упатена кон Слободната сириска војска и Националната коалиција на сириските револуционерни и бунтовнички сили.