Furkan Abdula
05 Јуни 2018•Ажурирано: 05 Јуни 2018
СКОПЈЕ (АА) - Турската Агенција за соработка и координација (ТИКА) вечерва по повод месецот на постот Рамазан организираше ифтар во Скопје, јавува Anadolu Agency (АА).
На ифтарската вечера учествуваа претседателот на Р. Македонија, Ѓорге Иванов, неговата сопруга, Маја Иванова, амбасадорката на Турција во Македонија, Тулин Еркал Кара, претседателот на Одделот за Балкан и Источна Европа на ТИКА, Махмут Чевик, министри во владата на Р. Македонија, високи претставници, пратеници, градоначалници, претставници на верски заедници, претставници на различни институции и организации, како и други поканети гости.
Претседателот на Одделот за Балкан и Источна Европа на ТИКА, Чевик, истакна дека тие како ТИКА оваа година организирале ифтари во 150 различни земји на пет континенти, меѓу кои и Бангладеш, Мјанмар, африканските и балканските земји. „Од таму дојдовме во Македонија, која се надеваме дека во наредниот период ќе стане земја членка на Европската Унија (ЕУ). Тука, на оваа ифтарска софра се собравме заедно со вас почитувани пријатели“, рече Чевик.
Тој се осврна и на мултиетничката структура на Македонија, и рече: „Го цитирам почитуваниот претседател (Иванов), со османлиското разбирање на мирот, на овие територии се доживува мирот“.
Чевик информираше дека ТИКА со своите 11 претставништва во регионот реализирала проекти од областа на образованието, здравството и реставраторските работи, и дала помош во поплавените подрачја во земјите од регионот.
„Ние како ТИКА со реализираните програми и проекти, во Македонија инвестиравме околу 70 милиони евра“, додаде тој.
Како што рече, во регионот на Балканот и Источна Европа инвестирале околу 1 милијарда и 100 милиони евра, со цел развој на регионот и подобрување на економските услови.
Од друга страна, амбасадорката Кара нагласи дека ТИКА од 2005 година во Македонија реализирала над 800 проекти во различни области, и изрази желба успесите на ТИКА да продолжат.
Кара информираше дека ТИКА го реставрирала и опремила Одделот за новороденчиња на Универзитетската клиника за детски болести, и додаде дека очекуваат отворањето на овој оддел да се реализира во рамките на посетата на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, на Македонија.
Кара изрази надеж дека молитвите ќе бидат прифатени од Бога, и посака месецот на постот Рамазан да ѝ донесе мир, спокојство и бериќет на братската и пријателска земја Македонија.
Гостите, во рамките на оваа програма, имаа можност да слушнат и мистична музика во живо.