Ali Cura,Elena Teslova
10 Јуни 2018•Ажурирај: 11 Јуни 2018
МОСКВА (АА) - АЛИ ЏУРА / ЕЛЕНА ТЕСЛОВА -
Вселенската авантура на руските космонаути почнува по строгата и напорна обука во Центарот за обука на космонаути „Јуриј Гагарин“, а подготовките во Центарот ги регистрираше екипата на Anadolu Agency (AA).
Центарот именуван по првиот човек во вселената, Јуриј Гагарин, се наоѓа на околу 20 километри од Москва, а станува збор за установа за обука на руски космонаути кои на тој начин се подготвуваат за лет во вселената.
Екипажот има шанса да се запознае со капсулата „Сојуз“ и копијата на Меѓународната вселенска станица (ISS). Космонаутите кои успешно ја минуваат обуката, во одредени временски интервали се праќаат во вселената.
Новиот тричлен тим кој минатата недела е испратен на Меѓународната вселенска станица (ISS), космонаутот Сергеј Прокопиев, астронаутот на Американската вселенска агенција (NASA), Серена Аунион Чанселор, астронаутот на Европската вселенска агенција (ESA), Александар Герст, како и членовите на претходниот тим, Русинот Антон Шкаплеров, Американецот Скот Тингл и Јапонецот Норишиге Канаи, се само некои од имињата што поминаа низ обуката во овој центар.
Кандидатите за космонаути мора да имаат диплома на инженер или завршена обука за пилоти, а обуката на космонаут може да започне дури по одредени експерименти. Обуката трае 6 години и вклучува широк спектар на основна обука за вселената, па до физички подготовки. На крајот на секоја година, како и на крајот на завршените циклуси на обука се организираат испити, а кандидатите кои се успешни, имаат можност да станат космонаути.
Инструкторот, постариот инженер Виктор Суворов изјави дека во Центарот има подготовки за сите процеси од лансирањето до враќањето на Земјата.
Суворов истакна дека враќањето од вселената е посебен вид обука и дека космонаутите мора да научат како да преживеат, без оглед на животните услови во кои ќе се најдат при слетувањето.
„Последниот екипаж што го обучивме замина во вселената на 6 јуни“, потсети Суворов.
Космонаутот Сергеј Ревин од мал сонува за патување во вселената. Тој рече дека оние кои сакаат да учествуваат во обуката мора добро да ги познаваат англискиот и рускиот јазик.
Само познавањето на јазикот не е доволно, потребна е одредена физичка подготвеност.
„Постојат одредени стандарди. Станува збор за нивото на кое се станува космонаут. Тоа значи, да се може да се трча 1 километар за 3,5 минути, да се може да се истрча 100 метри за 13 секунди. Постојат и одредени стандарди за висина и тежина. Ако сте премногу висок, или имате проблеми со телесната тежина, или ако сте со поситна градба, вселенската облека нема да ви одговара“, објасни Ревин.
Андреј Куртисин, шеф на Истражувачкиот институт на Центарот за обука на космонаути „Јуриј Гагарин“, рече дека космонаутите поминуваат низ обука за тоа што треба да прават во вселенската станица и со каков начин на живот ќе се сретнат.
Тој додаде дека целиот свет ја спозна важноста на летот во вселената, поради што се развиени и вселенски програми.
Потсети дека Меѓународната вселенска станица е под водство на 15 земји.
„Истовремено постои можност и други земји договорно да летаат и да испраќаат астронаути“, истакна Куртисин.
Јуриј Гагарин во вселената отпатува на 12 април 1961 година во леталото „Восток“, а Русија оттогаш продолжи со вселенските мисии.