Ayhan Şimşek
17 Јуни 2020•Ажурирај: 18 Јуни 2020
БЕРЛИН (АА) - Германската биотехнолошка компанија „CureVac“ денес доби одобрение од надлежните за испитување на можната вакцина против вирусот Ковид-19 на луѓе, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Овластувањето е резултат на една внимателна проценка на профилот на ризик/корист на оваа вакцина-кандидат“, соопшти Институтот „Пол-Ерлих“, германското регулаторно тело.
„CureVac“ ќе започне со тестирање на својата експериментална вакцина во наредните денови, во неколку болници во Германија и соседна Белгија, соопштија од компанијата.
Тоа ќе биде 11. овластено клиничко испитување во светот за можна вакцина против Ковид-19.
„Можната вакцина на CureVac mRNA, користи нуклеотиди без хемиски модификации во mRNA и е направена да обезбеди силно и избалансирано активирање на имунолошкиот систем. MRNA го шифрира целиот спикуларен протеин на SARS-CoV-2 и се формулира со липидни наночестички (LNP)“, велат од компанијата.
Во одобрениот прв дел од клиничкото испитување, ќе бидат вакцинирани 144 здрави волонтери на возраст меѓу 18 и 60 години, со цел да се утврди оптималната доза и да се оцени безбедноста на вакцината кај луѓето.
Германското регулаторно тело соопшти дека очекува понатамошен напредок во истражувањето за вакцината за Ковид-19 во наредните месеци.
„Институтот „Пол-Ерлих“ е сигурен дека дополнителни клинички испитувања за вакцините-кандидати против Ковид-19 во Германија ќе започнат во наредните неколку месеци. Во борбата против пандемијата ќе бидат потребни повеќе од еден вакцински производ, со цел да се обезбедат доволни резерви“, се вели од Институтот.