Barış Seçkin
27 Јули 2023•Ажурирај: 29 Јули 2023
РИМ (АА) - Во италијанскиот главен град Рим се откриени остатоци од театарот на императорот Нерон, пренесува Анадолу.
Според вестите на италијанските медиуми, остатоците од овој театар на римскиот император Нерон се откриени како резултат на ископувањата на археолозите реализирани во дворот на палатата Ровере, која се наоѓа во близина на Ватикан.
Археолозите во рамките на ископувањата откриле столбови од мермер, украси од гипс со златни листови и соби што се користеле во театарот.
Даниела Поро, надлежна за Археолошкиот локалитет во Рим, ова откритие го опиша како „извонредно важно“.
Меѓу другото, археологот Ренато Себастијани, кој ги започна ископувањата, истакна дека археолошките откритија под палатата Ровере им даваат многубројни информации во врска со широк временски период, од Антички Рим сѐ до средниот век.
Инаку, ископувањата во палатата Ровере започнаа во 2020 година.