Zülfiya Yakup
08 Декември 2015•Ажурирај: 09 Декември 2015
ПРИШТИНА (АА) - Пратеничката на Собранието на Косово од опозициското движење „Самоопределување“ Албулена Хаџиу, е уапсена при заминувањето на собирот во Гњилане, соопштија од „Самоопределување“ , пренесува Anadolu Agency (AA).
Налог за апсење на Хаџиу е издаден поради употреба на солзавец во Собранието на Косово
„Делувањето на опозициските пратеници во Собранието на Косово има за цел заштита на суверенитетот на државата. Обединетата опозиција нема да застане сè додека не се повлечат договорите од 25-ти и 26-ти август“, велат од „Самоопределување“.
Тоа движење ја обвини косовската влада дека ги користи сите средства за да ја ослабат опозицијата „за да ги реализираат проектите на Србија во Косово“.
Понатаму се додава дека доколку Владата на Косово “не смее да ги повлече договорите, тогаш нека ги стави на референдум и народот на Косово нека донесе одлука за нив, а ако не смее да организира ниту референдум, тогаш земјата треба што поскоро на избори“.
Досега, поради користење на солзавец во Собранието, во обидите на опозицијата да ја блокира работата на Собранието, едномесечен притвор добија Албин Курти од „Самоопределување“ и Доника Кадај-Бујупи од Алијанса за Иднината на Косово.
Истовремено, едномесечен домашен притвор добија пратениците Исмаил Куртеши и Фисник Исмаил од движењето „Самоопределување“ и Хаџи Шала од Иницијатива за Косово.
Налог за апсење е издаден и за пратеникот Фатон топали од „Самоопределување“, кој има и швајцарско државјанство. Тој сè уште не е уапсен.
Опозицијата, која бара да се повлечат договорите за Заедница на општини со српско мнозинство и за демаркација на границата со Црна Гора, скоро три месеци користи солзавец за да ја блокира работата на Собранието на Косово.