Ekipa
17 Јули 2018•Ажурирај: 18 Јули 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, оствари средба со еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија (ЕУ), Јоханес Хан, кој престојува во официјална посета на Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Џафери, како што соопшти неговиот Кабинетот, на средбата истакнал дека со Одлуката на Советот на Европската Унија за отворање на патот за отпочнување преговори во јуни 2019 година, земјите членки испратиле јасен сигнал дека ги вреднуваат напорите на Република Македонија вложени во реформите и во градењето на добрососедските односи.
Џафери нагласил дека Собранието е целосно посветено на продолжување и продлабочување на сегашниот реформски импулс, со цел да испорача понатамошни видливи резултати.
Комесарот Хан, од своја страна, го поздравил постигнатиот напредок, ја повторил силната поддршка на меѓународната заедница на патот на Република Македонија кон евроатланската интеграција, и ја нагласил клучната улога на Собранието во процесот на усогласување на законодавството.
Претходно, еврокомесарот Хан присуствуваше на владината седница, на која е донесена одлука за започнување на скрининг-процесот, кој е подготовка за претпристапни преговори со ЕУ.
На заедничката прес-конференција со премиерот на Република Македонија, Заев, Хан истакна дека младите луѓе во Македонија во голем број треба да гласаат на референдумот за Договорот со Грција за спорот околу името, за да не им се случи Брегзит, за кој рече дека е штетен процес за младите Британци кои не биле активни на референдумот за Брегзит.