Furkan Abdula
16 Февруари 2022•Ажурирај: 16 Февруари 2022
СКПОЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, оствари телефонски разговор со премиерот на Холандија, Марк Руте, кој му го честиташе изборот за премиер и му посака успешно остварување на владината програма, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според владиното соопштение, Ковачевски се заблагодарил за посетата на холандскиот премиер во ноември минатата година и истакнал дека таа посета дополнително ја интензивирала соработката меѓу Северна Македонија и Холандија, која, како што се вели, е најголем билатерален донатор на Северна Македонија.
„Посебна благодарност претседателот на Владата Ковачевски изрази за силната и континуирана поддршка на Холандија, и на премиерот Руте лично, во аспирациите на Северна Македонија за членство во Европската Унија“, се додава во соопштенеито.
Ковачевски го информираше неговиот колега Руте дека Северна Македонија продолжува со имплементацијата на европските стандарди во реформските процеси и за новата динамика во дијалогот и отворената комуникација со премиерот на Бугарија, Кирил Петков.
„За време на телефонскиот разговор двајцата соговорници се согласиле дека дијалогот Скопје - Софија ќе овозможи заеднички прифатливи решенија за отворените прашања за двете страни и дека тоа ќе ја забрза одлуката за одржување на првата Меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ од што се очекува позитивен импакт и за целиот регион на Западен Балкан“, се истакнува во владиното соопштение.
Исто така, Ковачевски информирал и за актуелните политички процеси дома, особено во делот на справувањето со светската енергетска криза, и за поддршката на Владата за ублажување на последиците од неа за граѓаните.
Се нагласува дека на крајот од разговорот холандскиот премиерот Руте го поканил Ковачевски во прва можна прилика да ја посети Холандија.