Furkan Abdula
16 Февруари 2022•Ажурирај: 17 Февруари 2022
СКОПЈЕ (АА) - Министерката за одбрана на Северна Македонија, Славјанка Петровска, од денеска во седиштето на НАТО во Брисел учествува на состанокот на Алијансата, на ниво на министри за одбрана, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Министерството за одбрана на Северна Македонија, ова е прв министерски состанок на кој Петровска учествува по преземањето на функцијата министерка за одбрана на Северна Македонија.
Пред состанокот Петровска изрази очекување дека министрите за одбрана на 30-те сојузници ќе го потврдат единството во Алијансата за заштитата на земјите членки и колективната одбрана, ќе ја реафирмираат позицијата за мирно и дипломатско решавање на состојбата во и околу Украина и уште еднаш ќе дадат силна и недвосмислена поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.
„Овој состанок се одржува во исклучително важен период и за европската безбедност и за безбедноста на евроатлантската област. Она што се очекува од нас како министри за одбрана е да ги реафирмираме нашите позиции во однос на позицијата за мирно решавање на отвореното прашање помеѓу Украина и Русија“, рече Петровска.
Таа посочи дека шанса му се дава првенствено на дијалогот и дипломатското решение и дека основна задача на Алијансата е да ги штити безбедноста и стабилноста на земјите членки.
„Ние до крај даваме шанса на дијалогот, на дипломатското решение. Како Алијанса имаме обврска да ги штитиме територијалниот интегритет и безбедноста на сите земји членки на Алијансата. Она што го очекувам и сум убедена дека ќе произлезе од овој состанок е да го потврдиме единството на сите земји членки и да ги донесеме одлуките кои ќе бидат во таа насока“, заклучи таа.
Според соопштеното, на состаноците на НАТО ќе стане збор и за зацврстувањето на одбранбените капацитети, вложувањето во одбраната, новиот стратешки концепт на Алијансата и концептот НАТО 2030. Министрите за одбрана на НАТО ќе дискутираат и за развојот на капацитетите за борба со хибридните закани, потребата од зацврстување на сајбербезбедноста и зголемувањето на отпорноста кон климатските промени.
Исто така, се наведува дека за време на состаноците на Северноатлантскиот совет, Петровска ќе има повеќе билатерални средби со свои колеги од сојузничките земји.