İslam Doğru
27 Април 2019•Ажурирај: 29 Април 2019
САН ХОЗЕ (АА) - Најмалку четири лица се повредени, меѓу кои едно малолетно лице се наоѓа во критична состојба, откако Американец со име Исаија Џоел Пиплс со автомобил се заби во група пешаци во Калифорнија. Полицијата со истрагата утврди дека станува збор за напад од омраза, односно дека лицето удрило со намера во пешаците со автомобил, мислејќи дека станува збор за муслимани, јавува Anadolu Agency (AA).
Американските медиуми претходно објавија дека 34-годишниот Исаија Џоел Пиплс минатиот вторник со автомобил удрил во пешаците на тротоар во градот Сан Хозе, во сојузната држава Калифорнија.
Шефот на полицијата и лицето што ја води истрагата за овој случај, Фан Нго, потврди дека обвинетиот со намера со возилото тргнал на пешаците, мислејќи дека станува збор за муслимани.
„Новите докази укажуваат на тоа дека обвинетиот со намера тргнал со автомобилот на пешаците, мислејќи на нивната раса и припадност на муслиманската вера“, изјави Нго.
Според изјавите на очевидците, Пиплс, откако со автомобилот влетал во пешаците, изговарал: „Исусе, ти благодарам. Исусе, ти благодарам“.
Меѓу пешаците во кои Пиплс влета со автомобилот, се лица од 9 до 52 години, а меѓу нив имало жени и деца. Се дознава, исто така, дека 13-годишно девојче со потекло од Азија е во критична состојба, и дека е згрижено на интензивна нега.
Началникот на општината Санивејл, Лари Клејн, каде што се случи сево ова, го осудил ваквиот напад.
„Нашето општество е обединето против бесмислените случаи на насилство предизвикано од омраза. Најостро ги осудуваме ваквите напади“, изјави Клејн.
Полицијата, исто така откри и детали дека Пиплс служел во американската војска како снајперист во Ирак во 2005 и 2006 година. Моментално е вработен како финансиски ревизор во Пентагон. Утврдено е, исто така, дека Пиплс нападот го извршил патувајќи кон група со која заедно ја читал Библијата.
Заменик-главниот обвинител во регионот Санта Клара, Џеј Бојарски, изјави дека истрагата за овој случај се продолжува, дека Пиплс е проследен на судот и дека се товари за обид за убиство на 8 лица. Во случај да се прогласи виновен, му се заканува казна доживотен затвор.