Nur Asena Ertürk
01 Јуни 2024•Ажурирај: 02 Јуни 2024
АНКАРА (АА) - Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел, вчера изрази поддршка за мапата на патот за траен прекин на огнот и ослободување на заложниците што го најави американскиот претседателот Џо Бајден, известува Анадолу.
„Сета наша поддршка за мапата на патот што ја престави Бајден за траен прекин на огнот и ослободување на заложниците, што би водело кон траен прекин на непријателствата, повлекување на израелските сили и започнување на напорите за обнова“, објави Борел на социјалната мрежа Х.
Во објавата Борел нагласи:
„Војната сега мора да заврши.“
Бајден претходно изјави дека Израел на палестинската група Хамас ѝ го претставил договорот во три фази со кој би се ставил крај на сите непријателства во опколениот Појас Газа и би се обезбедило ослободување на заложниците.
Американскиот претседател апелираше до Хамас да го прифати договорот и го повика израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да се спротивстави на притисокот на членовите на владејачката коалиција кои се противат на овој план.
Повеќе од 36.200 Палестинци се убиени, а 82.000 се ранети во израелските напади на Појасот Газа од 7. октомври досега.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој во својата најнова одлука му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине операцијата во Рафа, град во јужниот дел на Појасот Газа, каде што повеќе од милион раселени Палестинци побараа засолниште.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.