Ahmed Asmar
01 Јуни 2024•Ажурирај: 02 Јуни 2024
ГАЗА (АА) - Палестинската цивилна заштита во петокот соопшти дека нејзините тимови ги пронашле тела на повеќе од 70 Палестинци убиени во Џабалија, во северниот дел на Појасот Газа, за време на 20-дневниот напад на израелската армија врз бегалскиот камп.
Претходно, израелската армија по спроведената офанзива целосно се повлече од подрачјето на кампот и неговата околина, извести дописникот на Анадолу.
Портпаролот на цивилната одбрана, Махмуд Басал, за Анадолу изјави дека повеќето од пронајдените тела им припаѓаат на жени и деца.
Басал додаде дека 30 тела им припаѓаат на семејството Асалија, меѓу кои 22 се жени и деца.
„Нашите тимови сè уште не ја завршија работата во Џабалија. Продолжуваат да ги бараат мртвите под урнатините од куќите“, рече портпаролот.
Тој го опиша кампот Џабалија како зона на катастрофа поради израелската воена операција во која се уништени инфраструктурата, вклучително водоводната и електричната мрежа и здравствените установи.
Локалните власти во Газа претходно соопштија дека израелската армија при упадот во бегалскиот камп Џабалија ја применила политика на „палење на сѐ“, оставајќи зад себе огромни разорувања на домовите и инфраструктурата во кампот.
Повеќе од 36.200 Палестинци се убиени, а 82.000 се ранети во израелските напади од 7. октомври досега.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој во својата најнова одлука му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине операцијата во Рафа, град во јужниот дел на Појасот Газа, каде што повеќе од милион раселени Палестинци побараа засолниште.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.