Betül Yılmaz
30 Јуни 2025•Ажурирај: 02 Јули 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Иранските власти денес соопштија дека најмалку 935 лица се убиени во израелските напади за време на 12-дневниот конфликт меѓу двете земји, јавува Анадолу.
Според портпаролот на судската власт, Ашгар Џахангир, меѓу жртвите се 132 жени и 38 деца. Изјавата е пренесена од полудржавната новинска агенција Тесним.
Претходно Министерството за здравство на Иран информираше дека бројот на убиени изнесувал 606 лица, а 5.332 биле повредени.
Џахангир посочи дека во израелските воздушни напади врз затворот „Евин“, кој се наоѓа во северозападниот дел на Техеран, загинале 79 лица, меѓу кои затвореници, лица од персоналот и жители од блиската околина.
Затворот целосно бил оштетен и надвор од функција, а затворениците биле евакуирани.
Џахангир го нарече нападот „грубо кршење на основните човекови права и меѓународните резолуции“.
Конфликтот меѓу Израел и Иран ескалираше на 13 јуни кога Израел изврши воздушни напади врз ирански воени, нуклеарни и цивилни цели.
САД, како поддршка, ги бомбардираа иранските нуклеарни постројки во Фордо, Натанз и Исфахан.
Техеран возврати со балистички ракети и беспилотни летала, при што се убиени најмалку 29 луѓе, а над 3.400 беа повредени, според бројките на Еврeјскиот универзитет во Ерусалим.
Конфликтот беше запрен на 24 јуни со прекин на огнот со посредство на САД.