Omar Kouch,Meryem Kasım
04 јануари 2016•Ажурирај: 05 јануари 2016
МАНАМА (АА) - Властите во Бахреин соопштија дека ги прекинале дипломатските односи со Иран и дека на иранските дипломати им дале рок од 48 часа да ја напуштат земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Повод за прекин на билатералните дипломатски односи помеѓу Бахреин и Иран е кризата предизвикана со саботното погубување на 47 лица осудени за тероризам во Саудиска Арабија и поради острите реакции на Иран поради тоа што меѓу погубените беше и верскиот лидер на шиитското малцинство Нимр ал-Нимр.
Синоќа Саудиска Арабија ги прекина дипломатските односи со Иран, а иранските дипломатски службеници даден е рок од 48 часа да ја напуштат земјата. Всушност, ваква одлука следеше по нападот на саудиските дипломатски претставништва во Техеран и Машхад во саботата вечер.
До дипломатска криза дојде откако властите на Саудиска Арабија во саботата соопштија дека погубиле 47 лица осудени за тероризам, меѓу кои и верскиот лидер на шиитското малцинство во таа земја ајатулах шејх ал-Нимр.
Следеа протести во тек на кои демонстрантите ја запалија зградата на амбасадата на Саудиска Арабија во Техеран и конзулатот во Машхад, во североисточниот дел на земјата.
Извршувањето на судската пресуда над 47 лица предизвика низа реакции и осуди од лидерите на Европската унија, Обединетите нации, САД и други, но најостри реакции стигнаа од Иран, чиј министер за надворешни работи порача дека "Саудиска Арабија за оваа политика ќе плати висока цена".
Властите на Саудиска Арабија ги отфрлаат критиките на сметка на недостатноста на правниот систем и судските процеси во земјата, а реакцијата на Иран ја оценија за "неприфатлива". Неименуван функционер на Министерството за надворешни работи на Саудиска Арабија тврдеше дека погубените биле активни членови на терористички движења, и дека Иран со својата реакција го "откри своето вистинско лице и својата поддршка на тероризмот".