Mehmet Öztürk,Emre Aytekin,Ayşe Sarıoğlu
29 Декември 2016•Ажурирај: 30 Декември 2016
МОСКВА (АА) - Специјален претставник на рускиот претседател Владимир Путин за Авганистан Замир Кабулов за Anadolu Agency (AA) зборува за Авганистан, Талибанците, ДЕАШ, како и за други актуелни теми во регионот на Блискиот Исток. Без влакно на јазик рускиот дипломат отворено ја критикува политиката на светските сили.
Кабулов е високо рангиран руски дипломат. По потекло е од Узбекистан во време кога беше дел од СССР, поради што додатно е упатен во случувањата на земјите како што се Авганистан, Пакистан и други. Во текот на дипломатската кариера служел во бројните земји меѓу кои се Авганистан, Пакистан и Иран. Тој бил висок политички советник во специјална мисија на Обединети нации (ОН) за Авганистан. Кабулов е специјален претставник на рускиот претстедател Владимир Путин за Авганистан.
Без влакно на јазик Замир Кабулов зборува за минатото, сегашноста и иднината на Авганистан и регионот. Кабулов инаку е познат како критичар на НАТО мисијата во Авганистан тврдејќи дека е неефикасна.
Тој говори за Талибанците за нивното движење и управување со Авганистан. На прашањето има ли Русија мировен план за Авганистан, Кабулов одговори јасно.
„Немаме мировен план за Авганистан. Ние не создаваме мировни планови за други земји, како што прават Американците. Ние ги немаме тие лоши навики”, кажува Кабулов.
На новинарското прашање на АА како ја гледа иднината на Авганистан во наредните 20 години Кабулов кажал дека за иднината на Авганистан може да зборува посигурно отколку за себе.
„За иднината на Авганистан во наредните 20 години можам да зборувам со поголема сигурност отколку за себе, бидејќи не знам дали ќе бидам овде за 20 години. Во Авганистан ќе има мир, но потребни се некои предуслови. Потребно е меѓународната заедница да даде поддршка на земјата да се обнови економијата, граѓанската власт и војската. Доколку ја нема подршката Авганистан може да исчезне, а тоа би предизвикало големи последици како за мојата земја така и за целиот регион”, појаснува Кабулов.
На прашањето за Ал-Каеда и ДЕАШ, Кабулов одговара дека заканата од Ал-Каеда не е потполно елиминирана, туку само намалена. Тој исто кажува дека ДЕАШ дејствува попаметно од Ал-Каеда и смета како организацијата нема еден туку повеќе водачи.
На прашањето кој стои зад ДЕАШ, рускиот дипломат вели „ѓавол... “. За прецизно појаснување Кабулов вели дека ДЕАШ има неколку „татковци“.
- Улогата на албанската мафија во одгледување на опиумот во Авганистан -
Со оглед на дипломатската кариера на Замир Кабулов која е концентрирана на Авганистан, тој е детално упатен во случувањата на таа земја. Кабулов е прашан за одгледувањето на опиумот во Авганистан и улогата на меѓународните актери во таа работа.
Според статистиката на ОН кога со Авганистан владееле Талибанци производството на опиум било на минимум, а за време на американската окупација била подигната на максимум. Кабулов на оваа тема изнесе неколку интересни податоци.
„Не сум сигурен во статистиката на ОН, бидејќи имам свои. Сите фори на ОН ги знам, зашто во Авганистан работев 2,5 години за ОН. Пред периодот познат како период на џихад, во Авганистан се произведувала мала количина на опиум. После тој период производството нагло се зголемило, а американската разузнавачка агенција ЦИА го обезбедила патот за производство и продажба на хероин”, кажува Кабулов.
Меѓутоа, рече дека има приговор на тоа дека ‘добрите талибанци му ставија крај на производството на опиумот, а злите Американци…’".
„Попрецизно, мојот приговор се однесува на ‘добри талибанци’. Талибанците пред да го превземат Кандахар, во земјата трета година по ред владеела суша. Тоа довело до сушење и исчезнување на многуте полиња на опиум. Тоа била причината за опаѓање на производството, а не талибанците”, појасни Кабулов.
Истакна дека „кога Талибанците дошле на власт ги собрале нарко шефовите и им го забраниле користењето на опиумот но не и неговото производство и продажба на немуслиманите".
„Талибанците кажале дека целата трговија со дрога ќе оди преку нив. Оние кои биле глуви на наредбата се убиени, а нивните полиња се целосно уништени”, рече Кабулов додавајќи дека тоа го направиле бидејќи стапиле во контакт со меѓународниот нарко картел.
Замир Кабулов рече дека во тоа време Албанците биле клучни играчи во трговијата со дрога.
„Тогаш Албанците дошле во Кандахар и им рекле ‘да престанат со толкаво производство да ги рушат цените на пазарот’. Тие обезбедија ново семе отпорно на суша. Албанците тогаш биле само претставници на една поголема мафија. Не знам кој стоел зад нив. Постои меѓународна хиерархија во ова работење, Албанците се само една карика во тој ланец”, рече Кабулов.
Тој наведе дека приказната за Талибанците кои го укинале производството на опиумот е само мит и дека вистинските причини за намалување на производството биле токму она што претходно го има наведено.