Ekipa
11 Април 2016•Ажурирај: 11 Април 2016
ХИРОШИМА (АА) – Американскиот државен секретар Џон Кери го посети споменикот на жртвите од фрлената атомска бомба во Хирошима, пренесувајќи порака на мир и надеж во светот без нуклеарно вооружување, 70 години откако САД за прв пат употреби нуклеарно оружје - бомбата фрлена во Хирошима која уби 140.000 Јапонци, пренесува Anadolu Agency (АА).
Кери е највисокиот американски службеник кој допатува во Хирошима и го посети Меморијалот на мир заедно со останатите министри на Групата седум најразвиени земји (Г7) и положи венец на камен-споменикот во соседниот парк, кој ги симболизира ужасните последици од атомската бомба фрлена во овој јапонски град во 1945 година.
Настанот беше пропратен од страна на 800 јапонски учесници кои замавнуваа со знаменцата на земјите Г7 вклучувајќи го и американското знаме, додека министрите оддаваа почит на жртвите.
Кери не се обрати на церемонијата а министрите го напуштија местото со венци од оригами околу вратот во боите на своите национални знамиња.
“Секој на светот би требало да го види и почувствува овој Меморијал”, напиша Кери во музејската книга на гости, додавајќи дека тоа е ”остар и силен потсетник, не само да ставиме крај на заканата од нуклеарното оружје, туку и да ги вложиме сите наши напори да ја избегнеме војната”.
“Овој Меморијал нè принудува да ги удвоиме нашите напори за промена на светот, да пронајдеме мир и изградиме иднина за која се желни граѓаните на целиот свет”, напиша, меѓу другото, американскиот државен секретар.
Присуството на Кери, само неколку чекори од “нултата точка”, е значјна промена на политиката на САД, чии лидери со години го избегнуваа овој град поради политичка чуствителност.
Досега ниеден американски претседател не го посетил ова место. Требаше да поминат 65 години да дојде американски амбасадор на одбележување на годишницата од фрлањето атомска бомба во Хирошима.
Многу Американци веруваат дека фрлањето на атомската бомба во Хирошима на 6-тити август 1945 година и три дена подоцна во Нагасаки, било оправдано и дека тоа го забрзал крајот на Втората светска војна.
Преживеаните од експлозијата на атомската бомба и нивните организации со децении се борат да ги доведат лидерите на САД и другите нуклеарни сили да ги видат лузните на Хирошима, како дел од движењето против нуклеарното оружје.
Американскиот државен секретар за време на посетата на Меморијалот во Хирошима не се извини во име на САД за фрлената атомска бомба.
Пред церемонијата Кери тој акт го нарече “момент кој се надевам уште еднаш во светот ќе ја истакне на важноста на мирот и силната соработка помеѓу сојузниците кои ќе работат заедно за да го направат светот побезбеден и, на крајот, се надевам дека ќе бидеме во можност да го ослободиме светот од оружјето за масовно уништување”.
Во Меморијалот за мир во Хирошима, изложени се слики од ужасната деструкција предивикана од експлозијата на атомската бомба.