Esra Kaymak,Mahmoud Barakat
29 Декември 2015•Ажурирај: 29 Декември 2015
БАГДАД (АА) - На улиците на Багдад и на другите ирачки градови, синоќа се насобраа стотици граѓани кои го прославуваа успехот на ирачките оружени сили кои со заеднички операции го ослободија Рамади од терористите на ДАЕШ, јавува Anadolu Agency (AA).
Рамади, главниот град на ирачката провинција Анбар, од мај годинава беше под контрола на ДАЕШ, а ирачките сили ги натераа терористите на повекување, и вчера со подигање на ирачки знамиња на зградите на јавната администрација објавија дека градот е слободен.
Терористите, пред повлекувањето, ги минирале населбите, а ирачките сили утринава во Рамади испратија додатни деминерски трупи и 250 оклопни возила за акција на чистење на градот кој скоро целосно е опљачкан и уништен во изминатиот период на судири.
Ирачкиот премиер Хајдар Ал-Абади им честита на ирачките сили за победата во Рамади. Истакна дека, исто колку и самата победа, важен е и фактот дека овие вооружени сили на Ирак во заедничка акција го ослободија градот од злото наречено ДАЕШ.
"Ова е година на ослободување на градови од ДАЕШ, а следната 2016 година, ќе биде година на уништување на таа терористичка организација", порача Абади.
Американскиот државен секретар Џон Кери, исто така, упати честитки до ирачките сили и им порача дека меѓународната коалиција која, во борбата против ДАЕШ, ја предводат САД и понатаму ќе ги поддржува ирачките сили до конечна и трајна победа над тероризмот.
На улиците на Багдад и другите градови на Ирак, синоќа се славеше до доцните вечерни часови. Ирачаните извикуваа слогани повикувајќи на единство и продолжување на заедничките антитерористички операции на сите шиитски, сунитски и племенски групи.