Kasım İleri
03 Март 2017•Ажурирај: 04 Март 2017
ВАШИНГТОН (АА) – Генералот Тод Волтерс, командант на Американските воздухопловни сили во Европа, изјави дека руските млазни авиони на 10. февруари 4 пати извршиле притисок врз авионите на НАТО во Црното Море, јавува Anadolu Agency (AA)
Волтер се обрати на Симпозиумот за воздушни војни на Здружението на воздухопловните сили, во градот Орландо, во американската сојузна држава Флорида.
Американскиот командант рече дека притисок бил извршен во три наврати, со воени авиони „СУ-24“, а четвртиот пат со авион „Илјушин II-38“, кој се користи за поморска контрола
Тој изрази загриженост од ваквиот опасен пристап на руските авиони кон американските и сојузничките елементи, кој може да предизвика евентуална несреќа или причина за зголемување на тензиите во регионот. Притоа Волтерс забележа оти во последните 6 месеци стагнираат притисоците од страна на Русија.
„Воздухопловните сили внимателно ги следат ваквите пристапи. Високоовластените лица се обидуваат да добијат информации во врска со ваквите акции, иако понекогаш нема резултати. Некогаш успеваме да го добиеме одговорот што го сакаме, некогаш не“, истакна Волтерс.
Тој нагласи дека четирите потези на притисок се изведени на различни начини и додаде дека постои загриженост кај НАТО во врска со степенот на приближувањето и растојанието на руските авиони.
На прашањето за тоа што е причината за ваквите притисоци, Волтерс рече дека ваквите ситуации понекогаш настануваат поради грешки, но понекогаш како еден вид на превенција.
Началникот на генералштабот, Џозеф Данфорд неодамна се сретна со својот руски колега Валериј Герасимов, во Баку, главниот град на Азербејџан.
Пентагон соопшти дека главната цел на средбата била да се држат отворени воените комуникации поради превенција од евентуалните погрешни процени кои можат да настанат во Сирија и во Источна Европа.