Riyaz Khaliq Khaliq
26 Јануари 2026•Ажурирај: 27 Јануари 2026
ИСТАНБУЛ (АА) – Кина денес изјави дека нејзините економски врски со Канада „не“ се насочени против трета страна, туку се „поволни“ за светскиот мир откако Соединетите Американски Држави (САД) се заканија дека ќе воведат 100% царини кон Отава поради каков било трговски договор со Пекинг, јавува Анадолу.
Пекинг „верува дека земјите треба да пристапат кон односите меѓу државите во вин-вин дух, а не со менталитетот на нулта сума, преку соработка, а не кон конфронтација“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи, Гуо Џиакун, за новинарите во кинеската престолнина.
Американскиот претседател Доналд Трамп во саботата на својата платформа за социјални медиуми Truth Social напиша: „Доколку Канада склучи договор со Кина, веднаш ќе биде погодена со 100% царини за сите канадски стоки и производи што влегуваат во САД.“
Сепак, Гуо рече дека Кина и Канада воспоставиле „нов вид стратегиско партнерство и направиле одредени специфични договори за правилно решавање на економските и трговските прашања меѓу двете земји“.
Ова, додаде тој, „го одразува духот на еднаквост, отвореност, инклузивност, мирна соработка, заедничко споделување и заемна корист“.
Канадскиот премиер Марк Карни престојуваше во официјална посета на Кина на почетокот на овој месец, што кинескиот претседател Си Ѓинпинг го опиша како „пресвртница“ во билатералните односи.
Карни истакна дека односите на Канада со Кина се „попредвидливи“ од оние со нејзиниот јужен сосед под водство на Трамп.
Канада и Кина воспоставија односи во 1970 година, а обемот на билатералната трговија изнесуваше 67 милијарди долари на крајот на 2024 година.