Ekip
13 Февруари 2025•Ажурирај: 14 Февруари 2025
ИСЛАМАБАД (АА) - Претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека трпеливо ќе се борат за воспоставување на независна и суверена палестинска држава со територијален интегритет, заснована на границите од 1967 година, со Источен Ерусалим како главен град“, известува Анадолу.
Претседателот Ердоган синоќа пристигна во официјална посета на Пакистан. Турскиот претседател беше пречекан во воздухопловната база „Нур Кан“ во Исламабад од делегација пакистански официјални претставници, меѓу кои беа и претседателот Асиф Али Зардари и премиерот Шахбаз Шариф.
Денес турскиот претседател беше пречекан со сите почести од страна на премиерот на Пакистан, Шахбаз Шариф.
Претседателот Ердоган и премиерот Шахбаз Шариф имаа тет-а-тет средба пред 7. состанок на Советот за стратегиска соработка на високо ниво меѓу двете земји и Турско-пакистанскиот бизнис-форум, на која детално ги оцениле билатералните односи, како и случувањата во регионот и во светот.
На 7. состанок на Советот за стратегиска соработка на високо ниво меѓу двете земји на кој учество зедоа двајцата лидери потпишани се 24 меѓудржавни договори.
По потпишувањето на меѓудржавните договори, двајцата лидери одржаа заедничка прес-конференција.
Зборувајќи за актуелното прашање во врска со Палестина и ситуацијата во Појасот Газа, претседателот Ердоган истакна:
„Трпеливо ќе се бориме да воспоставиме независна и суверена палестинска држава со географски интегритет, заснована на границите од 1967 година, со Источен Ерусалим како главен град“.
Во врска со борбата против тероризмот, претседателот Ердоган рече: „Ја чувствуваме силната поддршка на Пакистан во нашата борба против сите форми на тероризам, вклучувајќи ги ПКК, ЈПГ, ДАЕШ и ФЕТО. Ја повторуваме и нашата поддршка за Пакистан во неговата борба против сите форми на тероризам“.
Зборувајќи за постигнатите цели и потпишаните договори меѓу Туркије и Пакистан и потпишувањето на декларацијата за продлабочување, проширување и институционализирање на стратешкото партнерство меѓу двете земји, претседателот на Туркије истакна:
„Се договоривме (на 7. состанок на Советот за стратегиска соработка на високо ниво) да ги зајакнеме нашите односи. Во тие рамки се потпишани 24 договори во различни области.“
Во своето обраќање претседателот Ердоган истакна:
„Се согласивме со премиерот (Шабаз Шариф) да ги зголемиме нашите напори за да ја достигнеме целта од 5 милијарди долари во обемот на трговијата. (Со бизнис-форумот Туркије - Пакистан) Ги охрабруваме нашите инвеститори, кои се локомотива на економската соработка, да направат повеќе активности во Пакистан.“
Осврнувајќи се на прашањето за кипарските Турци, турскиот претседател посочи: „Поддршката на Пакистан за праведната кауза на кипарските Турци е исклучително значајна за нас“.
- „Туркије е една од најбрзо растечките, најмногу растечките земји во светот“
Премиерот на Пакистан, Шариф, во своето обраќање посочи дека Туркије и Пакистан се две земји кои имаат извонреден меѓусебен однос и ги пофали економијата и напредокот на Туркије со зборовите:
„Туркије во моментов е една од најбрзо растечките, најмногу растечките земји во светот.“
Зборувајќи за помошта и поддршката што турскиот претседател Ердоган им ја дава на угнетените, премиерот Шариф рече: „Во секоја прилика продолживте да ги браните правата на муслиманските народи, особено на угнетените. Муслиманскиот свет многу внимателно го слуша она што го кажувате“.
Пакистанскиот премиер Шахбаз Шариф го информираше претседателот Ердоган дека е одлучено со неговото име да биде именувана една од најфреквентните патни делници, која ја вклучува и клучката Ф-8 во Исламабад, главниот град на Пакистан.
Претседателот Ердоган во Пакистан е придружуван од делегација, во која се и првата дама на Туркије, Емине Ердоган, министерот за надворешни работи Хакан Фидан, министерот за одбрана Јашар Ѓулер и директорот за комуникации Фахретин Алтун.