АДИС АБЕБА/НАЈРОБИ (АА) – Обединетите нации (ОН) објавија соопштение во кое се вели дека во Источна Африка, поради поменливоста на врнежите и сушите, околу 23,4 милиони луѓе имаат итна потреба од храна, јавува Anadolu Agency (AA).
Канцеларијата за координација на хуманитарни работи при ОН изготви извештај во кој се вели дека има итна потреба од храна во регионот на Источна Африка, каде што природниот феномен Ел Нињо отвори пат за сѐ поголеми суши и промени во врнежите, што пак влијае врз економската криза и сѐ помасовните миграции од регионот.
Во извештајот се истакнува дека е зголемен бројот на лица на кои им е потребна храна, односно оваа бројка во септември 2015 изнесуваше 11 милиони, а тој се зголеми двократно за една година. Според извештајот, бројот на лица што се борат со глад во Етиопија изнесува 9,7 милиони, во јужен Судан 4,8 милиони, а во Судан 4,4 милиони.
- Сушата ќе се зголемува -
На местата каде што се очекуваат сѐ поголеми суши, како што се Јужен Судан, Судан, Етиопија, Еритреја, Сомалија и Кенија, прогласен е „итен аларм за храна“.
Според ОН, најкритични региони се Етиопија, Судан, Сомалија, Бурунди, Џибути, како и областа Карамоја во Уганда.
Во извештајот се предупредува дека кризата со недостатокот на храна во овие региони сѐ повеќе ќе се зголемува и се нагласува дека некои држави каде што луѓето се занимаваат со сточарство и земјоделство, погодени се од суша поради потпросечните врнежи од дожд.
Од друга страна пак, загрижувачки е фактот што во регионот на Јужен Судан, Кенија, Етиопија и Уганда, врнежите се над очекуваното. Се стравува од потенцијалните поплави во овие региони.
- Продолжува влијанието на феноменот Ел Нињо -
Во извештајот се напоменува и дека продолжува кризата во регионот на Пунтланд и Сомаланд во Сомалија, кои се погодени од Ел Нињо. Во овие региони продолжува кризата со вода за пиење, а 1,1 милион луѓе имаат итна потреба од храна.
Извештајот понатаму тврди дека во Уганда може да има криза со храната, поради намаленото производство на житни култури за околу 30% оваа година, а додека пак во Џибути, поради лошите услови, сточарските продукти се под просекот.
Во некои региони во Уганда, поради сушата, 1,2 милиони луѓе имаат потреба од помош.
Според извештајот, и миграциските текови, покрај сушата во овие држави, е причина за проблемот со гладот.
- Алармантна е ситуацијата во некои региони на Кенија -
Управителот на Националниот центар за управување со суша (НДМА), Џејмс Одуор, во изјава за АА рече дека околу 1,5 милиони луѓе во Кенија се погодени од сушата, а исто така, тие се соочени со опасност од глад.
Одуор изјави дека сушата започнала со намалените врнежи од дожд за време на најврнежливата сезона, односно во март и мај 2016.
Тој како места најпогодени од сушата ги истакна првенствено областа Килифи, а по неа, Гариса, Куале, Ламу и Нарок.
Одуор понатаму рече дека во овие региони е загрозена билната вегетација и нагласи оти пасиштата во Гариса, Нарок и во Тана Ривер можат да издржат најмногу уште 1 месец со ваква суша.
„Изворите на вода се потрошени за 90% во регионите каде што имаме најголема суша“, изјави Одуор и додаде оти во Килифи пасиштата се целосно исушени.
Претставникот на државниот парламент на Килифи пак, Теди Мвабире, рече дека во регионот, над 300 илјади луѓе имаат итна потреба од помош со храна.
news_share_descriptionsubscription_contact
